Burak Bir
21 Јуни 2019•Ажурирај: 23 Јуни 2019
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, изјави дека Турција не се оддалечува од НАТО со купување на системот за одбрана „С-400“, јавува Anadolu Agency (AA).
„Турција ги исполнува сите барања на НАТО. Не се оддалечуваме од НАТО со купување на системот „С-400“. Ова е прашање на набавка“, изјави Акар за време на церемонијата за дипломирање на воени лица во главниот турски град, Анкара.
„Строго го отфрламе поврзувањето на ова прашање со американските воени авиони „Ф-35“. Ние сме партнери со девет земји за проектот за Ф-35“, додаде тој.
„Турција очекува своите сојузници, особено САД, да се однесуваат со здрав разум и објективно да вршат проценка на прашањата“, рече Акар.
Тензиите меѓу САД и Турција се зголемија во врска со купувањето на Анкара на рускиот систем за одбрана „С-400“.
Вашингтон тврди дека ваквото купување ќе ја загрози улогата на Турција во програмата за воените авиони „Ф-35“ и се закани со санкции.
Турција вели дека не постои конфликт меѓу „С-400“ и „Ф-35“ и повика на формирање работна група за да се разјасни прашањето.
- „Тие ја добија казната што ја заслужија“ -
Говорејќи за тешките казни изречени оваа недела на поранешните офицери кои учествуваа во неуспешниот обид за пуч во 2016 година, Акар ги поздрави пресудите.
„Овие предавници (кои се инфилтрираа во Генералштабот) ја добија казната што ја заслужија од турската правда“.
Седумнаесет главни пучисти вчера добија 141 отежната доживотна казна затвор за секој, поради нивното учество во неуспешниот обид за државен удар на 15 јули, 2016 година во Турција.
Терористичката организација ФЕТО и нејзиниот водач Фетула Ѓулен, кој живее во САД, стојат зад неуспешниот обид за државен удар на 15 јули 2016 година, во кој загинаа 250 луѓе, а околу 2.200 беа повредени.
ФЕТО води долготрајна кампања за соборување на власта преку инфилтрирање на своите следбеници во турските институции, особено во војската, полицијата и во судството.
- Операција „Канџа“ -
Во врска со операцијата „Канџа“, која во моментот Турција ја спроведува во северен Ирак, во близина на границата, Акар изјави дека терористичката група ПКК започнува да сфаќа дека нивната терористичка кампања нема да постигне ништо.
„Со неутрализирањето на последните терористи, ние ќе ја спасиме нашата нација од тероризмот и уште еднаш ќе обезбедиме мир и безбедност со тоа што ќе ги чуваме нашите граници безбедни“, изјави тој.
Операцијата „Канџа“ покажува дека т.н. лидери на терористичката организација ПКК разбираат дека нема да стигнат никаде преку тероризмот.
Турските вооружени сили на 27 мај ја започнаа операцијата „Канџа“ против ПКК во Хакќурк, северен Ирак.
Воената офанзива е со цел неутрализирање на терористите во областа. Таа започна со артилериско гранатирање, поддржано со воздушни напади и операции на командоси.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, којашто се наоѓа на листата терористички организации на Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), е одговорна за смртта на речиси 40.000 луѓе, вклучувајќи и жени и деца. ЈПГ е сирискиот огранок на ПКК.