Турција

Алтун: Срамно е да се дозволи Нетанјаху да ја шири својата пропаганда во американскиот Конгрес

„Со тоа што ќе го угости политичарот одговорен за извршување воени злосторства, Вашингтон праќа порака до светот дека има мала или никаква грижа за животите на невините цивили.“

25.07.2024 - Обновена : 26.07.2024
Алтун: Срамно е да се дозволи Нетанјаху да ја шири својата пропаганда во американскиот Конгрес

АНКАРА (АА) - Шефот на Дирекцијата за комуникации на Претседателството на Република Туркије, Фахретин Алтун, изјави дека обраќањето на израелскиот премиер Бенјамин Нејанјаху пред Конгресот на Соединетите Американски Држави (САД) е голема „дамка“ на ова законодавно тело што тврди дека ги брани човековите права и ги поддржува демократските вредности, пренесува Анадолу.

„Со тоа што ќе го угости политичарот одговорен за извршување воени злосторства, Вашингтон праќа порака до светот дека има мала или никаква грижа за животите на невините цивили. Да му се дозволи на Нетанјаху да ја шири својата пропаганда преку американскиот Конгрес и да му се дозволи мирните американски демонстранти да ги нарекува со различни имиња, едноставно, е срамно“, напиша Алтун на платформата Х.

Тој додаде дека „соучесништвото на некои американски политичари во злосторствата на израелската Влада поради политичка сообразност ќе има последици за кредибилитетот на САД низ целиот свет“.

„За среќа, сè уште постои мала група американски политичари што или протестираа или се спротивставија на презирниот говор на Нетанјаху. Неговиот говор не само што беше полн со бесрамни лаги туку и со омраза кон Палестинците. Дехуманизирачкиот јазик што тој постојано го користи за луѓето под окупација беше јасно видлив“, рече Алтун, поздравувајќи ги Американците кои одбиваат да учествуваат во тоа.

Тој истакна дека израелските безбедносни сили под водство на Владата на Нетанјаху извршиле „невидени злосторства“ во Палестина.

„Американскиот Конгрес ја овозможи и ја охрабри оваа војна со обезбедување финансиска поддршка, оружје и муниција. Напорите да се оправда помошта за Израел со човековите права целосно пропаднаа. Ова мора да се спречи доколку САД имаат цел да бараат каков било вид морално водство или легитимитет на меѓународната сцена“, изјави турскиот официјален претставник.

Тој додаде дека и покрај влијанието на произраелските групи, помладите генерации се будат и свесни се за реалноста на окупацијата, етничкото чистење и геноцидот во Палестина.

„Не може да се одржи статус кво, а Палестинците, порано или подоцна, ќе постигнат целосен суверенитет. Политичарите што навистина се грижат за националната безбедност на САД, исто така, мора да сфатат дека поддршката на Влада како онаа на Нетанјаху е против интересите и вредностите на САД. Уште еднаш искажуваме солидарност со оние што поддржуваат праведно решение на израелско-палестинскиот конфликт. Ние ќе работиме напорно тоа да стане реалност, дури и ако Владата на Нетанјаху е решителна против тоа заедно со своите сојузници во американскиот Конгрес. Совеста на светот е на страна на слободна Палестина. Нема оправдување за етничко чистење и геноцид“, рече Алтун.

Тој посочи дека етикетирањето на критиките на израелската политика со антисемитизам нема да успее.

„Целиот свет ја виде реалноста на израелските напади и последиците од нив врз невините цивили. Под раководство на претседателот Ердоган, турската Влада прави сѐ што е во нејзина моќ за да реализирање на дводржавното решение со навистина суверена Палестина која живее рамо до рамо со своите соседи. Ова е можност што не може да се спречи. Оние што сакаат да бидат на вистинската страна на историјата мора да ѝ се спротивстават на геноцидната политика на Владата на Нетанјаху. Време е за калкулации во американската политика и се надеваме дека денешниот срамен говор ќе послужи како повик за будење на Американците кои сакаат мир“, рече Алтун.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.