Zuhal Demirci
23 Ноември 2019•Ажурирај: 23 Ноември 2019
АНКАРА (АА) - Американскиот историчар Вилијам Холт истакна дека Западот никогаш не ги гледал Турците како жртви, како угнетувани, нагласувајќи дека западњаците постојано ги потценувале тие страдања.“
Институтот за турска историја (TTK) во Анкара организираше Конференција на тема „Балканска загуба: Заборавените бегалци од војната ’93“.
На конференцијата учество зедоа претседателот на TTK, проф. д-р Рефик Туран, претседателот на Врховниот суд, Рушту Џирит, американскиот историчар Холт и голем број академици, професори и бројни гости.
Претседателот на ТТК, Туран, во своето обраќање истакна дека „Балкан“ е турски збор и додаде дека Балканот е привилегирано место во Југоисточна Европа.
„Балканот го изразува процесот на формирањето на државата во илјадагодишната турска историја“, рече Туран, додавајќи дека во последната четвртина од 19 век тој дел е откорнат од Османлиската Држава.
Туран во своето обраќање рече: „Живите клетки останати од Османлиите кои сè уште опстојуваат на територијата на Балканот секогаш се изразуваат себеси и извикувајќи: ‘И ние сме тука’, ѝ се обраќаат на Анадолија.“
Американскиот историчар Холт на Конференцијата ја презентираше својата најнова книга под наслов „The Balkan Reconquista and Turkey's Forgotten Refugee Crisis“ (Прогонот од Балканот и заборавената бегалска криза на Турција).
Холт во книгата отстапува место за Турско-руската војна која се одвивала во периодот 1877-1878 година, позната и како „Војната од '93“ (според исламскиот календар војната се случила во 1293 година), посочувајќи дека станува збор за една од најжестоките битки во тој период, додавајќи дека покрај големиот број жртви, војната принудила многу голем број лица да мигрираат.
Во книгата Холт говори за османлискиот државен систем, за бугарскиот национализам, непријателството кон Турците како и за теми за ориентализмот. Покрај тоа, во книгата тој отстапува место и за приказните на муслиманите бегалци кои поради Османлиско-руската војна биле принудени на миграции.
Холт во своето обраќање истакна дека Западот зборува за страдањата на христијаните од војната што се случила пред 142 години, но ги игнорира страдањата на муслиманите од истата таа војна. „На Запад речиси воопшто и не се знае за масакрите и претрпените страдања што ги доживеале муслиманите во таа војна. На Балканот се негираат овие настани“, рече Холт.
Изјавувајќи дека димензиите на преживеаните страдања од тој период не се доволно познати ниту во Турција, Холт рече дека кога започнал да го спроведува истражувањето за Војната од '93, пронашол многу малку извори на податоци за мигрантите.
Потенцирајќи дека постојат многу погрешни податоци за влијанието на Османлиите на Балканот, Холт го истакна следното:
„На Западот отсекогаш за Турците постоел имиџ на суровост. Според Западот, Турците отсекогаш биле сурови, никогаш не биле жртва. Западот никогаш не ги гледаше Турците како жртви или угнетувани. Кога и да станало збор за страдањата на Турците, западњаците постојано ги потценуваа тие страдања.“
- Кој е историчарот Вилијам Холт?
Американскиот историчар Холт во 2014 година магистрираше на Универзитетот „Јута“ во САД на отсекот за блискоисточни студии.
Оваа година, во издание на Универзитетот „Јута“, Холт ја објави книгата под наслов „The Balkan Reconquista and Turkey's Forgotten Refugee Crisis“.
Негово поле на истражувања се историјата на миграции, лингвистиката и културата. Покрај турскиот, Холт зборува уште 9 јазици и спроведува истражувања на тие јазици.