Fatih Hafız Mehmet
16 Јуни 2019•Ажурирај: 17 Јуни 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Лидерот на турската Партија на национално движење (MHP), Девлет Бахчели, изјави дека набавката на рускиот одбранбен систем С-400 за Република Турција е одработена и завршена работа, јавува Anadolu Agency (AA).
„Турција ќе ги купи и инсталира системите С-400. Тоа е завршен договор и нема дискусии за тоа. За останатото нека размислуваат Соединетите Американски Држави“, порача Бахчели синоќа во Истанбул.
Бахчели, исто така изјави дека не се пријателски манирите тоа што САД се обидуваат преку прашањето за набавка на системот С-400 да ја стават Турција под блокада.
„Оние кои во САД зборуваат дека на Турција нема да ѝ ги испорачаат воените авиони Ф-35, еден ден ќе се соочат со супериорноста на Турците, кои своето национално оружје, авионите и останатото ќе го произведуваат со сопствено знаење и капацитети. Ние сме способни за тоа и верувам дека тој ден ќе дојде“, изјави Бахчели.
Турција со Русија постигна договор за набавка на одбранбените воздушни системи С-400, што предизвика негодување од Вашингтон и тензии во турско-американските односи.
Официјален Вашингтон тврди дека со набавката на системот С-400 Турција ќе го загрози своето место во програмата за производство на воените авиони Ф-35 и се закани со воведување санкции кон Турција.
Од друга страна, официјална Анкара вели дека набавката на системот С-400 не е во никаква колизија со програмата за Ф-35 и повика на формирање работна група за да ги утврди фактите за тој случај.