Ayşe Şensoy Boztepe
22 Март 2018•Ажурирај: 23 Март 2018
АНКАРА (АА) - Слаткарите од различни делови на Турција ги здружија силите и ја направија најголемата баклава во светот, а тоа го потврди и Комисијата за вклучување во Гинисовата книга на рекорди, јавува Anadolu Agency (AA).
Најголемата баклава е направена на маргините на 3. Меѓународен саем за туризам „Травелекспо“ и Самитот на гастрономи што се одржуваат во комплексот „АТО Конгресиум“ во Анкара.
Рекордната баклава со тежина од 515 килограми, турските слаткари ја испекоа во една тава, а претставниците на Комисијата за вклучување во Гинисовата книга на рекорди го следеа обидот и го оценија како успешен.
Еден од спонзорите на најголемата баклава во светот беше компанијата „МАДО“, а нејзиниот челник Мехмет Канбур за АА рече дека слаткарите на таа задача напорно работеле последните три месеци.
Истакнувајќи дека целта е баклавата да се регистрира како производ на турската традиција, Канбур испрати порака дека е време за слатко, а не за кавги и конфликти во светот.
„Турската баклава има свое место при раѓањето, смртта на луѓето, за време на Бајрам и сите посебни денови во нашите животи. Ние на светот како модел му ги презентираме најдобрите слатки. Овие 515 килограми баклава се двојно повеќе од стариот рекорд“, рече Канбур.
Најголемaта баклава во светот беше испечена во 2,5 метри широка и 7,5 метри долга тава, а во неа има вкупно 11.800 парчиња/порции.
„Ние сме привилегирани и среќни поради успешното соборување на рекордот“, рече еден од спонзорите, Атила Канбур.