Sibel Kurtoğlu
24 Јануари 2020•Ажурирај: 25 Јануари 2020
ЕЛАЗИГ (АА) - Шест лица загинаа, а неколку згради се срушиија во земјотресот со јачина од 6,8 степени според Рихтер што го погоди источниот турски град Елазиг, јавува Агенција Анадолија (AA).
Турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, претходно изјави дека загинале четири лица, двајца во градот Елазиг и двајца во Малатја, а подоцна Дирекцијата за управување со вонредни состојби (АФАД) соопшти дека животот го изгубиле вкупно 6 лица.
„Се надеваме дека немаме повеќе жртви“, рече Сојлу.
АФАД соопшти дека епицентарот на земјотресот регистриран во 20:55 часот по локално време е во Сивриџе, недалеку од Елазиг.
Од АФАД наведуваат дека тимовите веќе се испратени на терен.
На видеозаписите објавени на социјалните мрежи може да се види дека во некои делови на Елазиг има срушени згради. На снимките од безбедносните камери може да се видат граѓаните како во паника ги напуштаат своите домови.
Епицентарот на земјотресот е регистриран на длабочина од околу седум километри.
АФАД исто така потврди дека по земјотресот, регистрирани се уште неколку потреси, од кои и еден од 5,4 степени според Рихтер.
Земјотресот беше почувствуван и во околните градови Адана, Хатај и Османије, дури и во северните делови на Сирија и Ирак.