İbrahim Halil Çekici
13 Април 2017•Ажурирај: 13 Април 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Во Истанбул, во тек е 12. Фестивал на лалињата, цвеќиња кои одбележуваат еден историски период, културата на Истокот, митологијата, а особено заземаат место и во книжевноста, јавува Anadolu Agency (AA).
Оваа година, фестивалот се одржува под мотото „Време е за лалиња“. Секоја година, градските власти на Истанбул засадуваат милиони луковици лалиња, кои цветаат во речиси сите бои, претворајќи го градот на Босфор во волшебен, шарен килим.
Лалињата во градот на Босфорот можат да се забележат во парковите, на плоштадите, во градините, но и во саксии на прозорците.
Токму ова разнобојно цвеќе е еден од симболите на Истанбул, каде што веќе неколку години се организира фестивал посветен на лалињата.
За време на фестивалот, кој ова година ќе трае до 30 април, организирани се многубројни културни, но и спортски настани, а и оваа година ќе бидат избрани најубавите лалиња на Истанбул.
На 22 април, на плоштадот „Султан Ахмет“, посетителите ќе имаат можност да го видат најголемиот ќилим од лалиња на светот, исткаен од 564.000 лалиња што ќе се простираат на површина од 1.731 квадратни метри.
Во Истанбул се засадени околу десет милиони лалиња од речиси 200 видови.
За време на фестивалот ќе бидат одржувани концерти, изложби на фотографии и цртежи, калиграфски трудови и трудови од уметноста ебру (цртање на вода).
Ќе биде организиран и натпревар за фотографии од лалињата во Истанбул, на кој ќе бидат избрани најубавите фотографии, а авторите ќе бидат наградени.
Цветот на лалето има значајна улога во ориенталната историја и традиција. Периодот на 18. век во Османлиското Царство се нарекувал „Период на лалињата“ (Lale Devri).