Halil Demir
28 Август 2019•Ажурирај: 29 Август 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Турската полиција во Истанбул лиши од слобода машко лице со иницијали M.Ј., кое се смета за таканаречен „имам“ на терористичката организација ФЕТО за подрачјето на Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Операцијата за приведување е извршена во соработка со полицијата и Разузнавачката служба МИТ во истанбулскиот кварт Картал.
M.Ј. е пронајден и приведен во куќа што ја користеле терористите на ФЕТО, а со него се приведени и неговата сопруга Г.Ј. и неговата ќерка Б.Ј., кои исто така се товарат за поврзаност со терористичката организација.
За време на претресот на куќата во која се криел M.Ј., полицијата заплени голем број дигитални материјали и пари. Запленети се 6.800 лири, 2.800 долари и 15.980 евра.
Приведените се предадени на надлежните турски служби на понатамошно процесуирање.
Терористичката организација ФЕТО стои зад неуспешниот обид за државен удар во Турција во ноќта на 15 јули 2016 година.
Припадниците на оваа терористичка организација, со години, преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, во правосудството на Турција, преку наместен процес поради наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и крвавиот обид на терористите на ФЕТО, кога на 15 јули офицерите во Турската војска, припадници на терористичката организација, започнаа пуч.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја земја во којашто е активна, а на тоа во повеќе наврати укажаа и турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251 лице, а ранети беа околу 2.200 лица.