Kaan Bozdoğan,Berk Özkan,Hikmet Faruk Başer
23 Јули 2020•Ажурирај: 24 Јули 2020
ИСТАНБУЛ
Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган ја посети денеска истанбулската џамија Аја Софија, која утре, по 86 години ќе биде отворена за богослужба, со клањање на петочната молитва (џума намаз), јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган по состанокот со Високиот воен совет одржан во Анкара, во пресрет на утрешната петочна молитва во Аја Софија, во придружба на потпретседателот на Турција Фуат Октај, по доаѓањето во Истанбул ја посети оваа истанбулска џамија.
Ердоган ја посети Аја Софија и пред четири дена.
Турскиот суд на 10 јули ја поништи одлуката на некогашната влада во земјата со која на 24 ноември 1934 година на Аја Софија ѝ е доделен статус на музеј. Со чинот на поништување на спомнатата одлука, на Аја Софија ѝ е вратен статусот на џамија. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, по враќањето на статусот на џамија на Аја Софија, најави дека првиот заеднички намаз во оваа џамија ќе биде клањан на 24 јули.
Како една од најпосетените туристички дестинации во градот на Босфорот, Аја Софија од 1985 година се наоѓа на листата за светско културно наследство на УНЕСКО.
Надлежните служби во изминатите денови го уредија просторот внатре, но и надвор околу Аја Софија.
Турските власти најавија дека и понатаму ќе ги чуваат културно-историските вредности на Аја Софија и тоа на начин дека за верските обреди во неа ќе биде надлежна Управата за верски работи на Турција, а за реставрација, конзервација и заштита ќе се грижи Министерството за култура и туризам на Турција.
Туристите и понатаму ќе можат да ја посетуваат Аја Софија, и тоа бесплатно,а фреските на ѕидовите со завези ќе бидат прекривани само за време на намаз во џамијата.