Ekipa
10 Август 2017•Ажурирај: 11 Август 2017
АДАНА (АА) - Припадниците на турската полиција во антитерористичка операција во градот Адана од слобода лишија руски државјанин кој е осомничен дека во име на терористичката организација ДЕАШ планирал напади врз воздухопловната база „Инџирлик“, јавува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на полицијата во јужниот град Адана, државјанинот на Руската Федерација, Ренат Бакиев е осомничен за планирање напади во име на ДЕАШ на меѓународната воена воздухопловна база „Инџирлик“, здруженијата на Алевитите во Турција како и врз граѓаните. Според податоците на полицијата, осомничениот бил во фаза на следење, подготовка и планирање напади.
По приведувањето е утврдено дека Ренат Бакиев се бара за членување во терористичката организација.
„Како што е утврдено, осомничениот Бакиев е припадник на терористичката организација ДЕАШ. Во Адана престојувал со цел да изврши терористички акт. Тој планирал напад врз базата „Инџирлик“, или некои авиони во неа, а за таа цел планирал да обезбеди дрон. Претходно се борел на страната на ДЕАШ во Сирија и имал неуспешен обид за напад на американските сили во таа земја. Со другите припадници на организацијата комуницирал преку телеграми и на тој начин барал 2.800 лири (околу 700 евра) за купување на дрон“, се вели во соопштението на полицијата.