Serhat Çağdaş
10 Октомври 2016•Ажурирај: 11 Октомври 2016
АДАНА (АА) - Берачите на памук од раните утрински часови тргнуваат на полињата во Адана, јужниот дел на Турција, преку макотрпна работа во текот на целиот ден да заработат пари и да го прехранат семејството, јавува Anadolu Agency (AA).
Белите полиња со памук во Чукурова нудат спектакуларна глетка во овој период од годината. Станува збор за растение кое во светот се одгледува илјадници години, а веќе подолго од два века е најважна суровина во текстилната индустрија.
Покрај Кина, САД, Индија и другите светски произвеудвачи и Турција спаѓа во редот земји кои произведуваат големи количини на памук, кој покрај текстил, претставува важна суровина за производство на етерични масла и сточна храна.
Памукот, односно белите влакна околу цветот на растението госипиум (Gossypium) и денес се жнеат со рачна техника. Жетварите веќе рано изутрина излегуваат на белите полиња и со песна и шега ги берат кадифестите влакна додека светлината на денот тоа го дозволува.
Берачите заедно со семејствата, со првите зраци на Сонцето тргнуваат на полињата каде што под силно сонце работат 14 до 15 часа на ден.
Тие го берат памукот во вреќи а подоцна го ставаат на вага. Дневно можат да наберат меѓу 100 и 150 килограми, и да заработат од 30-45 лири (од 9-13 евра).
Рамазан Чифтчи е еден од сезонските берачи кои во Адана дошле од Шанлифура. Како што вели тој, тоа што не можат да го соберат со машина, мораат со раце, а по завршувањето на сезоната ќе се вратат дома.
„Едно лице дневно може да набере најмногу 150 килограми. Дневно береме и до пет тони памук”, изјави Чифтчи кој додаде дека едно лице во текот на сезоната, односно за три до четири месеци, може да заработи од 2.000-3.000 лири (од 580-875 евра).