Ahmet Gençtürk
27 Јануари 2021•Ажурирај: 28 Јануари 2021
КУТАХЈА
Над 650 бесценети монети од римскиот период се откриени во антички град во западна Турција, соопштија денеска истражувачите, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Овие 651 сребрена монета, од ерата на императорот Август, претставуваат една многу посебна и уникатна колекција“, изјави за АА, Елиф Озер, археолог што го надгледува ископувањето во античкиот град Ајзаној.
„Монетите се пронајдени во антички бокал“, рече Озер, инаку професорка на Универзитетот „Памуккале“.
Турски тим ги презеде ископувањата во 2011 година во турската област Кутахја, во Ајзаној, инаку антички град кој се споредува со познатиот антички град Ефес, додаде таа.
Ајзаној, исто така, може да се пофали со најдобро сочуваниот храм на грчкиот бог Зевс во Анадолија, а во 2012 година беше додаден на Привремената листа на светско наследство на УНЕСКО.
„Од монетите, 439 се стандардни римски сребрени денарски монети, а 212 се сребрени тетрадрахми од античкиот грчки град Пергамом“, додаде Озер.
Професорката Озер истакна дека нејзиниот тим се подготвува да ја промовира колекцијата со објавување написи во журнали и книги на турски и англиски јазик.
Колекцијата сега е изложена во Музејот на анадолските цивилизации во главниот град на Турција, Анкара.