Ekipa
06 Февруари 2017•Ажурирај: 07 Февруари 2017
АНКАРА (АА) - Вицепремиерот и портпарол на Владата на Република Турција, Нуман Куртулмуш, изјави дека Турција, Русија и Иран според договорот од преговорите во Астана преку заеднички механизам ќе го следи спроведувањето на примирјето во Сирија, додавајќи дека Турција ги поддржува и преговорите за сириската криза во Женева, јавува Anadolu Agency (AA).
Во палатата Чанкаја во Анкара денес се одржува седница на турската Влада, а на паузата, на новинарите им се обрати заменикот-премиер и портпарол на владата Куртулмуш, кој ја коментираше актуелната ситуација во Турција и во регионот.
На новинарско прашање во врска со кампањата за претстојниот референдум за уставни измени во Турција, Куртулмуш рече дека Турција е демократска земја каде што секој има право да води кампања и само преку аргументи може да го убеди гласачкото тело во исправноста на неговиот став.
„Тоа што Турција денес не е во криза каква што има во Сирија, Јемен, Либија и Ирак, меѓу другото, е резултат на фактот што во Турција имаме гласачки кутии кои се одраз на волјата на народот и на гласачите“, рече Куртулмуш и додаде дека никој не треба да се сомнева оти тоа ќе биде демократски процес чиј исход ќе зависи од волјата на гласачите.
„Ние водиме позитивна кампања. Нашиот избор е глас за уставни реформи, глас за нова Турција. Тоа е глас и за ефикасен систем на власт кој ќе има капацитет да ги реши сите проблеми во Турција. Ние во текот на кампањата ќе објаснуваме зошто е важно да се гласа за уставните измени. Веќе сега можеме да видиме дека тоа ќе го поддржи мнозинството граѓани. На крајот, одлуката ќе ја донесе нашиот народ“, рече Куртулмуш.
Осврнувајќи се и на преговорите за Сирија, кои на иницијатива на Турција, Русија и Иран се водеа во Астана, Казахстан, Куртулмуш рече дека може да се каже оти во дипломатска смисла овој процес успеал, бидејќи по шест години војна за првпат на маса седнале делегации од спротивставените страни на силите на режимот и опозицијата.
„Турција, Русија и Иран на терен ќе го следат примирјето како гаранти на договорот. Преговарачкиот процес во Астана не е конкурентен на процесот што започна претходно во Женева, туку резултатите од Астана ќе му помогнат и на процесот во Женева. Турција ги поддржува преговорите и во Женева. Нам не ни е важно каде се преговара, само што поскоро да се воспостави мир во Сирија и народот на оваа земја да добие траен мир што го посакува“, рече Куртулмуш.
Тој ја обвини меѓународната коалиција за борба против терористите на ДЕАШ дека недоволно ја поддржува Турција, офанзивата „Штитот на Еуфрат“ и ослободувањето на градот Ал Баб во северниот дел на Сирија.
„Знаеме дека германските извиднички авиони генерално ги споделуваат со нас собраните информации. Ние сакаме сите од коалицијата со нас да ги споделуваат сите информации кои ги имаат, бидејќи Турција е единствената земја која на терен со оружје се бори против терористите“, рече Куртулмуш.
Тој исто така рече дека Турција активно се бори против терористите на ДЕАШ, но и против ПКК и другите терористички групи. Додаде дека Турција од сојузниците очекува да ги споделуваат информациите за сите терористички групи, а не само за ДЕАШ.
„Тоа е обврска на сојузниците и на пријателите. Во последно време има позитивен напредок во размената на разузнавачките информации, но сакам да кажам дека ние сакаме размена која ќе подразбира делење на сите податоци за терористите“, истакна Куртулмуш.