Tanju Özkaya
15 Февруари 2021•Ажурирај: 16 Февруари 2021
АНКАРА (АА) - Во голема полициска акција во Турција од слобода се лишени 718 лица осомничени за поврзаност со терористичката организација ПКК, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за внатрешни работи на Република Турција соопшти дека припадниците на антитерористичките оддели на полицијата и жандармеријата спроведуваат акции на подрачјето на 40 турски области.
Во соопштението се наведува дека целта на операцијата е дешифрирање на активностите кои терористите на ПКК ги спроведуваат во Турција, а досега се приведени 718 осомничени лица. Меѓу приведените се наоѓаат и челници на локалните организации на Народната демократска партија (ХДП).
Полицијата и жандармеријата за време на претресот на станбени и деловни објекти запленија голема количина на оружје и документација, како и други материјали поврзани со терористичката организација ПКК.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени.