Sultan Çoğalan
01 Ноември 2016•Ажурирај: 02 Ноември 2016
АНКАРА (AA) – На полиците на библиотеките на Американсиот конгрес и на бројните универзитети, вклучувајќи ги Хардвард и Сорбона, наскоро ќе се најде Големиот турски речник којшто содржи 314.000 зборови и е едно од најпрестижните дела на Турската агенција за меѓународна соработка и координација (ТИКА), јавува Anadolu Agency (AA).
Со 56 канцеларии во 54 земји од Балканот, Источна Европа, Африка, Азија и на Блискиот Исток, ТИКА реализира многубројни проекти за помош во различни сектори, како што се образованието, културата, здравството, земјоделството и другите области.
Неодамна, ТИКА го објави Големиот турски речник, во десет книги. Речникот содржи 314.000 зборови, а тој им ќе биде доделен на образовните институции и универзитети низ целиот свет каде што се изучува турскиот јазик.
Целта на проектот е да се укаже на богаството на турскиот јазик, но и да се поттикне неговото изучување во светот. За тоа секако ќе придонесе фактот што речникот ќе се најде на полиците и на најпрестижните библиотеки, како што се оние во Американскиот конгрес и на универзитетите Хардвард и Сорбона.
Речникот ќе се најде на полиците на библиотеките во сите земји во кои ТИКА делува како турска владина агенција, а секако ќе им послужи и на истражувачите и на студентите што го изучуваат турскиот јазик.
Станува збор за речник чие прво издание е печатено во 2007 година, а содржеше 246.000 зборови од турскиот јазик поделени во поглавја на турски, стар анадолски, османлиски и современ турски јазик.
Новото издание е збогатено, и содржи вкупно 314.000 зборови со етимолошки појаснувања на поимите.
Сердар Џам: Поттик за ширење на турскиот јазик во светот
Директорот на ТИКА, Сердар Џам, за АА рече дека културниот напредок е еден од поважните сегменти во развојот на државата и дека во тој контекст, ТИКА работи на проектите за претставување на културното богатство на Турција.
„Во сите земји во кои делуваме, наидуваме на траги од заедничката култура и историја. Тие траги ги зближуваат луѓето со Турција. Сега во сите земји од светот имаме студенти кои учат турски јазик. Многубројни стипендисти доаѓаат во Турција. Ние ги поттикнуваме тие процеси на изучување на турскиот јазик во светот“, рече Џам.
Авторот на Големиот турски речник, Јашар Чагбајир истакнува дека е зголемен интересот за изучување на турскиот јазик во светот и дека значителна улога во тоа имаат турските институции како што е ТИКА и Културниот центар „Јунус Емре“.