Faruk Zorlu
14 Ноември 2020•Ажурирај: 15 Ноември 2020
АНКАРА
Грција во октомври 42 пати го наруши турскиот воздушен простор, а 7 пати поморските ограничувања, соопшти Министерството за одбрана на Турција, известува Агенција Анадолија (АА).
„Минатиот месец имаше и 15 случаи на вознемирување од авиони, а бродовите на грчката морнарица извршија 192 посети на демилитаризираните острови, со што се прекршени меѓународните договори“, се наведува во соопштението на турското Министерство.
„Иако секогаш покажувавме дека ги почитуваме границите и правата на своите соседи и се залагаме за мир, пријателство, добрососедски односи и соработка, Грција продолжува да ги зголемува тензиите“, истакнуваат од Министерството за одбрана на Турција.
„Грција ги презема ‘сите видови провокативни обиди за ескалација на тензиите’, како што е прогласувањето подрачја за воена вежба во северниот дел на Егејското Море, вклучувајќи го и демилитаризираниот остров Самотракија, што е спротивно на меѓународниот договор“, се додава во соопштението.
„Турските вооружени сили ќе продолжат да ги штитат правата и интересите на Турција и Турската Република Северен Кипар во Егејското Море и во Источен Медитеран“, порачуваат од турското Министерство.
Во продолжение на соопштението се наведува дека Турските вооружени сили и понатаму се гарант за мирот и безбедноста на Кипар, во согласност со меѓународните гаранции и договори.