Muhammet Tarhan,Nazlı Yüzbaşıoğlu
09 Март 2022•Ажурирај: 10 Март 2022
АНКАРА (АА) – МУХАМЕТ ТАРХАН –
Очите на светот се вперени кон средбата на министрите за надворешни работи на Русија, Украина и Турција, што ќе се одржи утре на маргините на Дипломатскиот форум во Анталија (ADF) на иницијатива на Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Турција, која продолжува со напорите за ставање крај на руско-украинскиот конфликт и постигнување траен мир, помага да се организира средба меѓу рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров и украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, кои ќе се состанат за првпат од почетокот на руско-украинска војна.
Средбата ќе биде организирана благодарение на интензивните дипломатски напори на Турција, со цел да се стави крај на конфликтите и да се постигне трајно примирје меѓу двете земји.
Состанокот може да биде пресвртница за ставање крај на руско-украинската војна.
Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, продолжува со интензивната комуникација, а уште пред конфликтот им предложи на Лавров и Кулеба да се сретнат во рамките на Дипломатскиот форум во Анталија, што ќе се одржи од 11 до 13 март.
Овогодишниот слоган на форумот е „Повторно размислување за дипломатијата“. И оваа година во Анталија ќе се соберат бројни политичари, академици, интелектуалци, дипломати и претприемачи од целиот свет. Ќе разговараат за предлози за решавање на проблемот, нови идеи за иднината на регионот и светот, формирање нови трендови и слично.
Војната меѓу Русија и Украина е во фокусот на јавноста, а на маргините на Дипломатскиот форум во Анталија ќе се одржи трилатерална средба на министрите на Турција, Украина и Русија.
Во Анталија ќе пристигнат и претставници на НАТО и Европската Унија (ЕУ).
Меѓу истакнатите гости се генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, генералниот секретар на Европскиот парламент, Марија Пејчиновиќ Буриќ, известувачот на Европскиот парламент за Турција, Начо Санчез Амор, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, високиот претставник на ОН за цивилизации во Обединетите нации (UNAOC), Мигуел Анхел и специјалниот претставник на ОН за Сомалија, Џејмс Сван.
Се очекува да присуствуваат и делегации од Косово, Венецуела, Босна и Херцеговина, Шведска, Финска, Словачка, Луксембург, Латвија, Азербејџан, Ерменија, Палестина, како и претставници на преодната Влада на талибанците во Авганистан.
Форумот ќе започне со обраќањето на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.
Предвидени се и бројни панели и сесии.
- Истанбулска конференција за медијација -
Покрај трилатералниот Самит, утре во Анталија ќе се одржи и 8. Истанбулска конференција за медијација.
Конференцијата, која се одржува од 2012 година, ќе собере повеќе од 200 учесници, меѓу кои лидери, политичари, дипломати, експерти, академици и студенти.
Турција на конференцијата под слоганот „Посредување под лупа во променлива мирна средина“ со спојување на теоретското знаење и практиката, ќе придонесе за подигање на глобалната свест за медијацијата.