Merve Gül Aydoğan Ağlarcı, Ali Murat Alhas, Jeyhun Aliyev
17 Август 2021•Ажурирај: 18 Август 2021
АНКАРА (АА) - Единаесет терористи се неутрализирани од страна на турските безбедносни сили како дел од антитерористичките операции во земјата и во странство во близина на границата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Најмалку двајца терористи на ЈПГ/ПКК се неутрализирани од турските безбедносни сили во северен Ирак, близу турската граница, соопшти турското Министерство за национална одбрана.
Терористите се неутрализирани во рамки на операцијата „Канџа Молња“ во северен Ирак, објави Министерството на Твитер.
Уште тројца терористи се неутрализирани во подрачјата на операциите „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“ во северна Сирија, близу границата со Турција, се вели во одделна порака на Твитер.
Според безбедносни извори, двајца терористи на ПКК се неутрализирани во операција спроведена од турската Национална разузнавачка организација во регионот Гара во северен Ирак, додека продолжуваат антитерористичките операции на земјата.
Операциите „Канџа“ се серија офанзиви што Турција ги спроведува од 2019 година против терористичките организации во северен Ирак, особено ПКК.
Најновите се операциите „Канџа-Молња“ и „Канџа-Гром“ започнати на 23 април во регионите Метина и Авашин-Басјан во близина на ирачко-турската граница.
Министерството за внатрешни работи, исто така, објави дека тројца вооружени терористи, чија припадност не е одредена, се неутрализирани во југоисточната турска област Ширнак, како дел од операциите „Ерен-13“.
Министерството наведе дека операцијата е поддржана од воздух, која сè уште трае.
Министерството, исто така, објави дека во заедничка операција, жандармериските и полициските тимови неутрализирале еден припадник на терористичката организација ПКК и заплениле оружје и муниција во Дилајан во источната област Агри.
„Операциите продолжуваат во регионот“, се додава во соопштението.
Операцијата „Ерен“, именувана по Ерен Булбул, 15-годишник убиен од терористичката ПКК во 2017 година, започна во јануари за да се елиминира тероризмот во земјата.
Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, којашто се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и ЕУ, е одговорна за смртта на најмалку 40.000 луѓе, меѓу кои има и деца и жени.
ЈПГ е сириски огранок на ПКК.
Турските сили во текот на изминатите четири години изведоа неколку успешни антитерористички операции во северна Сирија, по должината на сириско-турската граница: „Штитот на Еуфрат“ (2016), „Маслинова гранка“ (2018) и „Извор на мирот“ (2019).