Sezgin Pancar
16 Декември 2016•Ажурирај: 16 Декември 2016
МЕРСИН (АА) - Министерот за развој на Турција, Љутфи Елван, вчера во врска со последните случувања во Алепо изјави дека светот останал нем на трагедијата што се случува во тој сириски град, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој нагласи дека дури и најмоќните земји на светот не го подигаат својот глас за случувањата во Алепо.
„Видовме што се случува во Алепо. Светот не го подигна гласот за геноцидот што се случува во Алепо. Таму не се случува ништо поразлично од она што се случуваше во Сребреница. И таму се врши геноцид, луѓето се убивани, но моќните земји, земјите вљубени во демократијата, не го подигаат својот глас. Не прават никаков напор за да им се достави хуманитарна помош на тие луѓе. Дали е возможен таков пристап на целиот проблем?“ изјави Елван.
Тој истакна дека Турција прави големи напори за да им се помогне на луѓето што се опколени во Алепо.
Со посредство на Турција, во вторникот вечерта беше постигнат договор за прекин на огнот и евакуација на цивилите од источниот дел на Алепо кон Идлиб.
Да потсетиме, првиот конвој со 200 ранети лица пристигна вчера во делот на Алепо што го контролираат силите на сирискиот режим, а потоа со зелени автобуси преминаа на четири километри оддалечената западна периферија, која е под контрола на опозициските сили.