Göksel Yıldırım
15 Февруари 2018•Ажурирај: 15 Февруари 2018
АНКАРА (АА) - Министерот за развој на Република Турција, Љутфи Елван, денеска во Анкара изјави дека неговата земја се соочува со критичен период кога станува збор за односите со Соединетите Американски Држави (САД), јавува Anadolu Agency (AA).
Елван беше гостин на денешниот уреднички колегиум на АА во Анкара, каде што одговараше на прашањата од новинарите и уредниците на АА од целиот свет, и се осврна на актуелните случувања во Турција.
Говорејќи за односите меѓу Турција и САД, Елван рече дека во овие односи се минува низ критичен период.
„Во односите со САД се наоѓаме во критичен процес. Ние сме одлучни во борбата против тероризмот. Според тоа, би биле задоволни ако дојде до промена во нивните ставови“, порача министерот Елван.
Во врска со операцијата „Маслинова гранка“, којa во северна Сирија ја спроведуваат Турските вооружени сили (ТСК) со цел отстранување на терористичките елементи, Елван порача дека на границата со Турција се настојува да се формира една терористичка држава, и дека Турција никогаш нема да го дозволи тоа.
„Турција секогаш се борела против терористичките организации. Операцијата 'Маслинова гранка' продолжува успешно. Нашата одлучност на овој план ќе продолжи, тоа го порачавме на целиот свет“, рече Елван.
Министерот Елван посочи дека буџетот на Турција е креиран на начин што е земена предвид и операцијата „Маслинова гранка“, и дека таа нема да има негативно влијание врз финансиите.