Yıldız Nevin Gündoğmuş
03 Јули 2021•Ажурирај: 04 Јули 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека универзитетите се центар на науката и дека науката придонесува за развој и напредок на целата држава и општеството, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган во Претседателската национална библиотека во Анкара разговараше со докторантите во Турција во рамките на третите по ред „Библиотечни разговори“.
Одговараше на прашањата на младите научници за голем број општествени, политички и економски теми, вклучително и за образованието во Турција и борбата против пандемијата на Ковид-19.
„Во Турција нема универзитет во кој не постои академска слобода. Немаме проблем со ограничување на слободата ни на еден универзитет. Кога ќе го погледнеме академскиот кадар на нашите универзитети, стапката на жени е поголема од 51 процент. Ваквата ситуација не е забележана во историјата на Република Турција“, рече Ердоган.
Нагласи дека универзитетите и науката се важни за целокупниот напредок на државата и општеството.
„Бидејќи универзитетот е центар на науката, универзитетот е и центар на мудроста и знаењето. Би било штета тероризмот да го загрози центарот на знаењето и мудроста, тоа никако не смееме да го дозволиме“, рече Ердоган.
Тој се осврна и на турската вакцина против коронавирусот „Турковак“, напоменувајќи дека тоа сигурно ќе биде важен тест за Турција.
„Нашата цел е да дојдеме до резултати во септември-октомври. Знаете, некои од нашите универзитети спроведуваат истражувања на оваа тема. Ние сме одлучни и сакаме да ги видиме резултатите веќе во септември-октомври. Се разбира, изјавите на нашите професори по ова прашање влеваат надеж и кај нас политичарите. Ние како власт сме решени да сториме сè што мораме околу ова прашање. Сите лабораториски испитувања за вакцината продолжуваат“, рече Ердоган.
Во тек е третата фаза на испитување на турската вакцина „Турковак“, развиена во соработка со Универзитетот „Ерџијес“ и Управата на институтите за здравство во Турција при Министерството за здравство.
Ердоган го коментираше и мегапроектот Канал „Истанбул“, нагласувајќи дека на овој проект работеле вкупно 204 експерти, вклучително и 51 научник од 11 различни универзитети.
„Нашата примарна цел за Каналот Истанбул е елиминирање на секаква закана за животната средина. Второ, да се ослободиме од сите несреќи што се случуваа досега во Истанбул. Трето, да осигуриме многу побезбеден поморски сообраќај“, рече турскиот претседател.
Како што истакна, поморскиот сообраќај преку Каналот „Истанбул“ ќе биде многу побезбеден отколку преку Босфорот.
„Должината на каналот ќе изнесува 45 километри од Црното Море до Мраморното Море, неговата ширина ќе биде минимално 275 метри, а длабочината 20,7 односно 21 метар. Студиите ни покажаа дека поморскиот сообраќај во Каналот Истанбул ќе биде 13 пати побезбеден отколку на Босфорот“, истакна претседателот Ердоган.
Во Истанбул кон крајот на јуни годинава, положен беше камен-темелник за изградба на мостот „Сазлидере“, првиот мост на мегапроектот за изградба на Каналот „Истанбул“, кој, паралелно со Босфорот, ќе го спојува Мраморното Море со Црното Море.
Планирано е изградбата на Каналот „Истанбул“ да биде завршена за шест години, а вкупните трошоци би изнесувале близу 15 милијарди долари.
Проценката е дека мегапроектот за изградба на Каналот „Истанбул“ ќе се реализира на начин што ќе биде еден од еколошки најприфатливите проекти, не само во Турција, туку и во целиот свет.
На Каналот „Истанбул“, кој ќе се протега по должината на европскиот дел на Истанбул, ќе се градат шест мостови, а на неговиот брег ќе бидат изградени два града за население од половина милион жители.