АНКАРА
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Турција го планира летот на својот борбен авион без посада за 2023 година, кога ќе биде одбележана и 100-годишнината од основањето на Републиката, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Летот на беспилотниот борбен авион на Турција го планираме за 2023 година“, изјави Ердоган во редовното неделно обраќање на парламентарците на владејачката Партија за правда и развој (АК Партија).
Ердоган потсети и на неодамнешниот договор со Полска, според кој Турција прв пат во една од членките на ЕУ и НАТО ќе ги извезе беспилотните борбени летала со висока технологија.
„Извозот на беспилотните летала во Полска е исклучително важен од аспект на првата продажба на Турција на летало со висока технологија на членка на Европската Унија и НАТО“, изјави Ердоган.
„Во четири земји, вклучувајќи ја и Турција, моментално се активни 180 наши беспилотни летала Бајрактар.“
Ердоган најави нов пакет реформи во врска со правосудството, четврти пакет што наскоро ќе се најде во Парламентот на Турција.
Турција, како што потсети, во текот на 19 години ги уништи сите расположливи ресурси на криминалните организации и една по една ги уништи.
„Во последните три и пол години полицијата на Турција во повеќе од 530.000 операции уапси повеќе од 750.000 осомничени за криумчарење наркотици“, изјави Ердоган и продолжи:
„Нема да престанеме да ги прогонуваме терористите на ФЕТО, ПКК и другите терористички и криминални организации, каде и да се, сè додека не бидат приведени пред правдата.“
Ердоган повтори дека изборите во Турција ќе бидат одржани во јуни 2023 година, како што е и планирано.
Како што изјави, во време на пандемијата имале можност да го тестираат нивниот здравствен систем. „Фала му на Бога, и тој испит го решивме со успех.“
Потсетувајќи на разни сценарија што во неговата земја настојуваат да ги спроведат нејзините непријатели, Ердоган изјави дека сè додека го негуваат нивното единство, заедништво и братство, никакво сценарио не може да ја оттргне Турција од патот кон нејзините цели.
Ердоган изрази уверение дека економскиот раст на Турција во 2021 ќе биде далеку над очекувањата.