Muhammed Nuri Erdoğan,Muhammed Boztepe
26 Мај 2021•Ажурирај: 27 Мај 2021
АНКАРА (АА) - Турција со воени авиони испрати помош од медицинска опрема за Индија, која е една од земјите што се најмногу погодени од пандемијата на Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Два авиона од типот „A 400M“ на Турските вооружени сили (ТСК), по инструкции на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, тргнаа од воениот аеродром „Етимесгут“ во турскиот главен град Анкара, кон индискиот главен град Њу Делхи.
Авионите вклучуваат медицинска помош во вредност од 9.181.789 турски лири (околу 890.000 евра), а се подготвени од страна на турската Црвена полумесечина и Министерството за здравство на Турција.
Оваа донација вклучува 630 кислородни боци, 5 кислородни генератори, 50 апарати за дишење и 50.000 кутии со лекови.
На пакетите со медицинска помош испишани се зборовите на поетот, правник и теолог Мевљана на турски, индиски и англиски јазик „По безнадежноста има многу надежи. По темнината има многу сонца“, како и „Со љубов од Турција за индискиот народ“.
Генералниот директор на турската Црвена полумесечина, Ибрахим Алтан, во изјава за медиумите истакна дека оваа медицинска помош за Индија е испратена со инструкции на претседателот Ердоган, и со координација на турското Министерство за надворешни работи, Министерството за здравство, Министерството за индустрија и технологија и Министерството за национална одбрана.
Алтан изрази надеж дека оваа помош ќе помогне за оздравување на голем број лица, упатувајќи благодарност до претседателот Ердоган, министрите и донаторите.