Ekipa
04 Август 2019•Ажурирај: 06 Август 2019
БУРСА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган истакна дека Турција денес стигна до вкупна должина на автопати од 26.764 километри, јавува Anadolu Agency (AA).
„Денес стигнавме до мрежа автопати со должина од 26.764 километри, кога дојдовме на власт имаше автопати во должина од 6.100 километри“, изјави Ердоган на свеченото отворање на автопатот Истанбул - Измир.
Со оваа делница се поврзуваат двата најголеми градови во Турција, Истанбул и Измир, со што се намалува патувањето од осум и пол на три и пол часа.
Во своето обраќање на отворањето, турскиот претседател рече дека треба да се развиваат алтернативни модели за финансирање на големите проекти.
„Изградбата на проекти финансирани од државниот буџет трае подолго време. Тука многу е важно тоа што со финансирање и организација на приватниот сектор проектите се градат побргу. Покрај тоа, тука не се спроведува само изградба, туку се постигнуваат и голем број на придобивки, од трансфер на технологија до акумулација на знаење, и до откривање нови модели на финансирање кои ќе допринесат за нашата економија“, истакна Ердоган.
Тој нагласи и дека Централната банка уште повеќе ќе ги намали каматните стапки.
„Централната банка ги намали каматните стапки, ќе се намалат уште повеќе. Давам добра вест дека инфлацијата ќе се намали, ќе го видите и тоа.“
Денес се отворени преостанатите 192 километри од новиот автопат. Со отворањето на овој дел од автопатот меѓу Истанбул и Измир, првпат отворен во 2010 година, ќе претставува еден од главните транспортни артерии, кои го поврзуваат регионот Мармара со егејскиот, западниот медитерански и западниот дел на Анадолија.
Мостот „Османгази“, кој е отворен во 2016 година, претставува клучна точка на проектот, бидејќи благодарение на мостот, делницата со вкупна должина од 515 километри се намалува за 78 километри, а со тоа се намалува патувањето за час и половина од досегашното патување.
Цената на проектот од 7 милијарди американски долари е платена од компанијата што ќе управува со автопатот во неодреден временски период, а за време на процесот на изградба не беа користени јавни средства.
Мегапроектот обезбеди работни места за околу 5.000 лица во градежништвото, а ќе има околу 1.000 работни места во континуирано одржување и оперативни услуги.
- Ердоган го отвори 10. градски болнички комплекс во Турција -
Турскиот претседател денес го отвори 10-от градски болнички комплекс во земјата, во северозападната област Бурса.
Градската болница во Бурса е изградена на 745.365 метри квадратни во дистриктот Нилуфер, со инвестиција во износ од 488 милиони евра за период од две години.
Болничкиот комплекс има капацитет од 1.355 легла и вклучува шест различни болници, од општа болница, гинекологија, болница за физикална терапија, рехабилитација, психијатрија па сè до болница за онкологија. Комплексот е изграден за да им пружа помош на шест милиони пациенти во јужниот Мраморен Регион, Турција.
Турското Министерство за здравство и Ronesans Healthcare Investment го реализираа проектот за болничкиот комплекс преку јавно-приватно-партнерство.
Опремена со најновите технолошки инструменти од областа на медицината, градската болница во Бурса го поседува глобално признатот сертификат LEED Gold.
Комплексот има 859 сеизмички изолатори, што ќе помогне медицинскиот персонал да работи дури и ако подрачјето биде зафатено од земјотрес.
Во болницата ќе бидат вработени вкупно 4.500 лица, од кои 2.000 здравствени работници.
- „Турција ќе влезе на источниот дел на Еуфрат“ -
За време на својот говор, турскиот претседател исто така предупреди дека Турција ќе влезе во подрачјето источно од реката Еуфрат во Сирија, додавајќи дека Турција веќе ги споделила овие информации со Соединетите Американски Држави (САД) и Русија.
„Влеговме во Африн, Џарабулус, Ал-Баб. Сега ќе влеземе на источниот дел на Еуфрат. Ова го споделивме со Русија и САД“, рече Ердоган.
Турција веќе спроведе две успешни антитерористички операции во Сирија.