Mehmet Yılmaz Güldaş
01 Ноември 2020•Ажурирај: 01 Ноември 2020
АНКАРА
Во земјотресот кој во петокот го погоди Егејскиот регион, во Турција, загинаа 58 лица, соопшти претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган, јавува Агенција Анадолија (АА).
Најмалку 896 лица се повредени како последица на земјотресот со јачина од 6,6 степени кој го погоди Измир, третиот по големина град во Турција.
„Одлучни сме да ги превиеме раните на нашите браќа и сестри во Измир, кои се погодени од земјотресот, пред да почне ладното време и дождовите", рече Ердоган на состанокот на владејачката Партија на правдата и развојот (АК Партија) во црноморската област Самсун.
Претходно Ердоган рече дека нови куќи ќе им бидат направени на оние кои останаа без покрив над главата, што е можно поскоро.
Под урнатините се спасени 104 лица, а акциите за пребарување и спасување траат.
Министерот за здравство на Турција, Фахретин Коџа, соопшти дека од болниците се отпуштени 702 пациенти, а дека осум лица се наоѓаат на одделот за интензивна нега.
Управата за вонредни ситуации (АФАД) соопшти дека до 14 часот по локално време се регистрирани 902 потресувања на тлото, од кои 42 со јачина над четири степени.