Турција

Ердоган: Денеска во Газа сведочиме на масакр сличен на масакрот што се случи во Босна и Херцеговина

„Пред судовите, ќе бараме одговорност од Израел за убиството на Ајшенур Езги Ејги, и за над 41.000 наши браќа и сестри од Газа.“

Faruk Zorlu, Gizem Nisa Çebi  | 14.09.2024 - Обновена : 16.09.2024
Ердоган: Денеска во Газа сведочиме на масакр сличен на масакрот што се случи во Босна и Херцеговина

АНКАРА/ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес вети дека ќе бара правда за убиената турско-американска активистка, Ајшенур Езги Ејги, и над 41.000 цивили од Газа, споредувајќи ја ситуацијата во Газа со геноцидот во Сребреница извршен во 1995 година, јавува Анадолу.

На заедничката прес-конференција со претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, одржана во време кога Ејги беше погребана во нејзиниот роден град Дидим, Туркије, Ердоган рече: „Пред судовите, ќе бараме одговорност од Израел за убиството на Ајшенур Езги Ејги, и за над 41.000 наши браќа и сестри од Газа.“

Нагласувајќи ја сериозноста на ситуацијата, тој рече: „Денес сме сведоци во Газа и (во другите) окупирани палестински територии на масакр сличен на оној што беше извршен во Босна и Херцеговина во 1990-тите години.“

Ердоган, исто така, додаде дека „извршителите на (геноцидот во) Газа“, како и луѓето кои стојат зад геноцидот во Сребреница, ќе одговараат пред меѓународните судови.

Претседавачот со Претседателството на БиХ, Беќировиќ, од своја страна, рече дека: „Геноцидот во Газа е всушност најголемиот срам во светот.“

- Смртно застрелана за време на мирен протест -

Пред нејзината смрт, Ејги отпатувала на Западниот Брег за да го поддржи палестинскиот отпор против израелската окупација, според извештаите на Меѓународното движење за солидарност.

На 3 септември, Ејги отишла да набљудува протест во градот Бејта во Наблус, и да застане против нелегалните еврејски населби таму.

Движењето објави дека на 6 септември Ејги била намерно земена за цел и убиена од израелски снајперист позициониран на блискиот покрив.

Очевидци изјавија дека кога била застрелана од снајперистот, Ејги била далеку од зоната на протестите. Таа беше пренесена во палестинска болница, но и покрај максималните напори на лекарите не можеше да се спаси.

Турските дипломатски мисии во Тел Авив и Ерусалим (КУДС) го координираа трансферот на нејзиното тело од Тел Авив во Баку, Азербејџан, а потоа и до Туркије.

Турските власти го примија телото на Ејги во петокот и го транспортираа до Судската медицина во Измир за обдукција.

Туркије во четвртокот започна истрага за убиството согласно домашното право.

Обдукцијата покажа дека куршумот влегол низ пределот на долниот дел на увото.

Ејги беше застрелана во главата за време на мирен протест, која потоа почина во болницата.

Обдукцијата на Судската медицина во Измир покажа дека причината за нејзината смрт е фрактура на черепот, крварење на мозокот и оштетување на мозочното ткиво. Имало влезна рана од куршум но немало излезна рана, се анализираат металните фрагменти од куршумот. Процедурата за тоа е во тек.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.