Enes Kaplan
02 Декември 2021•Ажурирај: 03 Декември 2021
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, упати видеопорака по повод успешното тестирање на морнаричкиот топ од домашно производство, кој е уште еден во низата производи на турската одбранбена индустрија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Многу ми е драго што сум со вас во уште еден историски ден за турската одбранбена индустрија“, рече Ердоган.
Ердоган нагласи дека морнаричкиот топ е неизоставен сегмент на морнарицата и додаде дека ова оружје, како ударна сила на воените бродови, игра клучна улога во борбата.
„Турција пред една година ги додаде морнаричките топови во рамките на нашите напори, нашата одбранбена индустрија да ја зајакнеме на национално ниво. Целта ни беше да ја елиминираме надворешната зависност на нашата земја за морнаричките топови, како и во други области. Особено во последно време почнаа да се јавуваат сериозни проблеми, како во трошоците, така и во роковите на испорака на производите кои доаѓаат од странство. Исто така, бевме подложни на видливо и невидливо ембарго и разни обиди за блокада“, рече Ердоган.
Како што истакна, овој проект е еден од најдобрите примери на јавно-приватната соработка во Турција.
„Со заеднички напори на Генералната дирекција за машини, хемиска индустрија и бродоградилишта, која ја реструктуриравме и нашите компании „Игрек Макине“, „АНЗАТСАН Инженеринг“, „ЕРМАКСАН Технолоџи“, Турција уште еднаш го постигна она што порано не можеше да се постигне. Му благодарам на Бога, го произведовме нашиот поморски топ во рекорден рок од 12 месеци, на крајот на процесот кој активно го поддржуваше нашето Министерство за индустрија и технологија“, изјави Ердоган.
Тој истакна дека поморскиот топ има опсег од 16 километри.
„Благодарение на националниот морнарички топ кој го разви, Турција сега стана една од ретките држави кои го произведуваат овој систем на вооружување. Националниот морнарички топ има ефективен опсег од 16 километри. Нашата морнарица стана уште посилна, благодарение на ова оружје кое може да испали 80 истрели во минута со пет различни начини на гаѓање. За разлика од системите кои моментално се користат, националниот морнарички топ опремен е со дигитален систем за управување на стрелбата, развиен со домашни и национални ресурси. Со ставање на овој систем на вооружување во инвентарот, турските поморски сили ќе имаат многу посилна и поефикасна мобилност. Освен тоа, високите трошоци и прикриеното ембарго за набавките од странство сега ќе станат минато“, рече Ердоган.
На крајот им честита на оние кои ја поддржаа реализацијата на проектот и додаде дека е сигурен дека националниот морнарички топ ќе биде од огромна корист на турските сили.
Турските вооружени сили денеска успешно го тестираа морнаричкиот топ кој е уште еден во низата производи на турската одбранбена индустрија.
На тестирањето присуствуваше министерот за одбрана на Турција, Хулуси Акар и началникот на Генералштабот на турската војска, Јашар Ѓулер, командантите на копнените и поморските сили на Турција и останати претставници.
Новиот поморски топ од калибар 76/62 мм тестиран е на тестниот полигон „Карапинар“, а на присутните преку видеопорака им се обрати турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Министерот Акар им честита на сите кои учествуваа во развојот и производството на новите системи на оружје во Турција и додаде дека ќе биде водена грижа за потребите на Турските вооружени сили.
Акар рече дека Турција забрзано работи на обука на персоналот и развојот на домашното производство на воена опрема и оружје и дека со поддршка и водство на турскиот претседател Ердоган подигнат е степенот на присуството на домашната опрема и оружје на 80 проценти.