Ekipa
09 Декември 2020•Ажурирај: 10 Декември 2020
АНКАРА (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, во врска со можноста за евентуална одлука за санкции против Турција од самитот на лидерите на Европската Унија (ЕУ), истакна дека тоа нема многу да ја загрижи Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган пред заминувањето во официјална посета на Азербејџан одржа прес-конференција на аеродромот „Есенбога“ во турскиот главен град, Анкара, на која говореше за последните случувања во регионот и светот.
Турскиот претседател се осврна на последните односи помеѓу Турција и Грција, и рече дека грчката страна е таа која секогаш бега од маса.
„Доколку Грција се однесува искрено како еден сосед, тогаш и ние ќе продолжиме да бидеме на масата“, истакна Ердоган.
Говорејќи за дводневниот самит на лидерите на ЕУ, што ќе се одржи утре во Брисел, Ердоган рече: „Која било санкција што може да се донесе против Турција, не нè загрижува толку.“
Што се однесува до настаните во Источниот Медитеран, тој нагласи дека ќе продолжат да ги штитат своите права во тоа подрачје.
Ердоган се осврна и на случувањата во Нагорно Карабах, регион признаен како азербејџанска територија, која скоро 3 децении беше под ерменска окупација, а потоа беше ослободен од страна на Азербејџан.
„Нашата поддршка за Азербејџан ќе продолжи и понатаму“, рече Ердоган, и додаде:
„Ќе стоиме покрај Азербејџан во процесот на обновата на окупираните територии, било во инфраструктурата, било во надградбата.“
Инаку, Ердоган по покана на азербејџанскиот претседател Илхам Алиев ќе учествува на свечената Парада на победата во Баку.
Меѓу другото, турскиот претседател говореше и за односите меѓу Турција и Соединетите Американски Држави (САД). „Кога Бајден ќе ја преземе должноста, секако дека ќе седнеме и ќе разговараме за некои прашања“, истакна Ердоган.