Nilay Kar
18 Април 2019•Ажурирај: 19 Април 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Турската владејачка партија ќе продолжи да се бори против нерегуларностите на минатомесечните локални избори, истакна турскиот претседател, додавајќи дека највисокиот изборен орган на државата ќе го има последниот збор, јавува Anadolu Agency (AA).
„Кога Врховниот изборен совет ќе ја донесе конечната одлука, прашањето за нас ќе биде завршено“, потенцираше Реџеп Таип Ердоган на меѓународната бизнис-конференција на Конфедерацијата на синдикатите на јавни службеници (Memur-Sen) во главниот град Анкара.
„Низ нашата историја, секоја политичка партија користеше такви методи [на поднесување жалби]“, рече Ердоган, додавајќи дека ваквите жалби се потребни од аспект на демократијата.
Тој, исто така, повика на воздржаност на јавноста, нагласувајќи: „Сите 82 милиони заедно треба да дејствуваме како „сојуз Турција“, оставајќи ги настрана нашите политички разлики кога станува збор за опстанокот на земјата.“
„Треба да се фокусираме на нашата главна агенда, особено на економијата и безбедноста, оставајќи ги зад себе изборните дебати“, истакна Ердоган, нагласувајќи дека сега треба да биде времето за единство и заедништво.
Милиони турски гласачи го искористија своето избирачко право на локалните избори кои се одржаа во Турција на 31 март, на кои се избираа градоначалници, членови на совети и други претставници за мандат од пет години.
Екрем Имамоглу од опозициската Републиканска народна партија (CHP) вчера официјално ја презеде функцијата градоначалник на метрополата Истанбул (каде што живеат 16 милиони луѓе) - но неговиот избор сѐ уште се соочува со правно оспорување од страна на владејачката Партија на правдата и развојот (АK Parti), која ги наведува неправилностите во текот на изборите.
Критикувајќи некои западни медиуми дека се обидуваат да ја отсликаат турската економија во негативно светло, Ердоган рече: „Што ѝ да правите, што ѝ да ставите на насловните страници, Турција стои исправено и ќе продолжи по својот пат, станувајќи посилна.“
„Во текот на укажувањето на двојните стандарди во врска со прашањата за борбата против тероризмот и бегалците, бројот на новинарските текстови против нас се зголемува“, рече тој.
Ердоган особено го истакна покривањето за Турција на „Фајненшал тајмс“ (The Financial Times), свртувајќи внимение на политиката на Британија - каде што е седиштетио на весникот - во врска со бегалците.
„Колку бегалци вдоми вашата земја? Повелете, и напишете приказна за тоа“, рече тој.