Onur Usta
08 Август 2016•Ажурирај: 09 Август 2016
ПАРИЗ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, критикувајќи го ставот на западните лидери кон обидот за државен удар од терористичката организација ФЕТО, изјави: „Западниот свет не е во согласност со вредностите што тој сам ги брани. Западот треба да се солидаризира со Турција, која ги одбрани демократските вредности“, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган, во интервјуто објавено во весникот „Ле Монд”, одговораше на прашања поврзани со обидот за државен удар.
„Западниот свет не е во согласност со вредностите што тој сам ги брани. Западот треба да се солидаризира со Турција, која ги одбрани демократските вредности. За жал, тој преферираше да ги остави сами Турците. Западот не мора да се грижи за бројот на уапсените и суспендираните од работа. Правната држава има право да го вработи и да го разреши од администрацијата кој било вработен. Турција никогаш не им постави прашање во врска со ова на своите западни сојузници“, рече Ердоган.
Истакнувајќи дека одлуките донесени во врска со вработените во администрацијата се одлуки на Турција, Ердоган рече: „Наша работа е кого задржуваме, а кого го разрешуваме од работа. Секој е должен да го знае своето место. Поминуваме низ една борба против обидот за државен удар и против терористите. Западниот свет мора да сфати со што се соочуваме ние“.
- „Не се соочивме со обичен терористички напад“ -
Ердоган изјави дека за време на обидот за државен удар остварил телефонски разговори со некои од западните лидери.
„Тоа не беше доволно. Не се соочивме со обичен терористички напад. Имаме 240 загинати херои и 2.200 повредени. Целиот свет реагираше против нападот над „Шарли Ебдо“. Нашиот премиер учествуваше во маршот во Париз. Би сакал западните лидери да покажат идентични реакции за настаните што се случија во Турција и да не се задоволуваат само со шаблонски пораки за осудување на делата. Јас би сакал тие да дојдат во Турција“, истакна Ердоган.
Ердоган зборуваше и за разговорот остварен со рускиот претседател Владимир Путин, по обидот за државен удар: „Кога Путин ми се јави на телефон за утеха, тој не ме критикуваше за бројот на воените лица и цивилните вработени кои беа разрешени од работа. Од друга страна, сите Европејци ме прашаа зошто сме уапсиле толкав број војници и зошто сме разрешиле толкав број вработени од администрацијата. За да се направи проценка, мора на терен да се погледнат настаните што ги доживеавме. Беа бомбардирани Парламентот и Агенцијата за разузнавање (МИТ). Претседателската палата исто така беше цел на воените авиони. Загинаа шест херои. Западните лидери, наместо да изразат чувствителност, покажаа негативни реакции. Тоа нѐ растажи. Ова е неприфатливо“.
Во меѓувреме, Ердоган одговори и на прашањето за односите на Турција со Европската Унија, нагласувајќи ги одговорностите на ЕУ.
„Земјите-членки на ЕУ треба да ги регулираат односите со Турција. Веќе 53 години се наоѓаме пред вратата на Европа. Единствен одговорен за тоа и виновник е ЕУ. Освен со Турција, со ниту една друга земја не се однесувале на ваков начин. За време на самитот на ЕУ, каде што учествував и јас, за првпат имаше само 15 земји-членки. ЕУ гледа еднострано кога се однесува на отворањето на поглавјата во преговорите кои никогаш не завршуваат со членство на Турција“.
Меѓу друго, Ердоган истакна дека ЕУ не се покажа како пријател кон Турција и додаде: „Во моментов имаме сместени 3 милиони бегалци. Но, единсвената загриженост на ЕУ е доаѓањето на бегалците на нејзината територија. Што се однесува до визната либерализација, за турските граѓани предложија реадмисија на бегалците. Реадмисијата и визната либерализација требаше да стапат на сила на 1 јуни. Во моментов сме август, а сѐ уште немаме либерализација на визниот режим. Ако нашите барања не бидат исполнети, реадмисијата нема да биде можна“.