Yıldız Nevin Gündoğmuş
30 Август 2020•Ажурирај: 30 Август 2020
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денеска во Анкара најави дека Турција наскоро ќе започне со своите први вселенски испитувања на технологијата на ракетни мотори со течно гориво, јавува Агенција Анадолија (AA).
Ердоган говореше на церемонијата на отворање на Центарот за истражување на лансирање сателити, вселенски системи и напредни технологии на Рокетсан, и на отворањето на погонот за производство на експлозивни суровини.
Турскиот претседател најави нови чекори на земјата во областа на одбранбената индустрија.
„Сакам да соопштам дека Турција наскоро ќе ги започне своите први вселенски истражувања на технологијата на ракетни мотори со течно гориво“, рече Ердоган и додаде: „Не толерираме недостаток на координација на полето на одбранбената индустрија. Конкретно, не сакаме од странство да набавуваме производи кои можеме сами да ги произведуваме.“
Во текот на обраќањето, Ердоган се осврна и на денешниот празник во Турција, Денот на победата, односно денот кога пред 98 години турските сили предводени од лидерот и основач на модерна Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк, забележаа голема победа во Битката кај Думлупинар, последната битка во Војната за независност на Турција водена од 1919 до 1922 година.
„Колку што е наш Малазгирт, колку што е наше освојувањето на Истанбул, толку се наши и Чанаккале, Думлупинар и Сакарија. Сите овие победи се печат удрен со крвта на нашите шехиди со која е натопена оваа земја“, рече Ердоган.
Турскиот претседател упати критики на сметка на оние кои ги критикуваат чекорите на Турција на полето на одбранбената индустрија.
„Турција свесно и намерно е оставена на полето на одбранбената индустрија да биде зависна од странство. Тие кои ставија катанец на вратата на првата фабрика за авиони во нашата земја во 1950 година и нè критикуваат за чекорите што денес ги направивме во одбранбената индустрија, се припадници на истиот плиток менталитет. Истите тие оваа земја до 2002 година ја направија 70 отсто зависна од странските земји“, рече Ердоган.
„Рокетсан“ е водечка турска компанија во областа на одбранбената индустрија.