İlkay Güder
10 Април 2018•Ажурирај: 11 Април 2018
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган денеска во Анкара изјави дека во светот веројатно би немало сиромаштија, кога муслиманските земји богати со нафта на сиромашните земји би им давале зекат, односно милостина која ја даваат муслимани кои се во можност, во годишен износ од 2, 5 отсто од вкупното богаство, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган во претседателската палата во Анкара ги прими координаторите на Турската агенција за меѓународен соработка и координација (ТИКА), а во оваа пригода тој зборуваше за актуелните настани.
„Апелирам особено до муслиманските земји богати со нафта. Кога само би давале зекат на сиромашните земји, светот веројатно не би бил сиромашен", рече Ердоган.
Тој додаде дека неговата земја е решена да се соочи со оние кои се упорни во намерата целосно да ја уништат Сирија.
„Одлучни сме со повторна изградба на Сирија и со напредокот во оваа земја да им се спротивставиме на организациите и силите кои, по сѐ судејќи, се решителни во намерата Сирија да ја срамнат со земја", порача Ердоган.
Претседателот Ердоган се осврна и на активностите кои ТИКА ги спроведува во земјите низ светот, додавајќи дека Турција е шеста земја во светот кога станува збор за помош во областа на развојот, а по националниот доход е четврта земја во светот.
„За време на нашата историја како земја и како нација ние секогаш се однесувавме великодушно. На овој начин ние го чуваме аманетот на нашите предци и тоа е наследство кое сме ги презеле. Ние знаеме дека зад многуте проблеми во светот, кризи и конфликти, се крие неправедна распределба на приходот" , рече Ердоган.
Турција, како што истакна претседателот Ердоган, низ чекорите што ги направи во последните 15 години, стана земја која обезбедува најмногу помош во хуманитарниот и развојниот план.
Ердоган додаде дека Турција е втора во светот во 2016 година, по САД и дека обезбедила 6 милијарди долари хуманитарна и развојна помош за другите земји.