МУШ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Турција, како наследник на големо цивилизациско наследство, е во нов подем, јавува Агенција Анадолија (АА).
Денеска Турција ја одбележува 950-годишнината од историската Битка во Манцикет (Малазгирт), а турскиот претседател Ердоган се обрати на програмата за комеморација во градот Муш.
„За Малазгирт велиме дека е нулта точка на нашата историја во Анадолија. Да, токму тука е местото каде што турската историја се дели на пред и по Малазгирт“, изјави Ердоган, и додаде: „Во нашата историја нема лесни победи. Има многу труд, напор и одрекување и зад победата во Малазгирт.“
Тој додаде дека Малазгирт е најважен столб на почетокот на мостот, кој Турција го изградила од минатото до сегашноста.
„Сакаме 2071 година, на илјада години од победата во Малазгирт, чија 950-та годишнина ја одбележуваме денеска, да ја претвориме во втор столб од другата страна на овој мост“, порача Ердоган.
Тој нагласи дека Турција е во нов подем.
„Турција е во нов подем како наследник на големото цивилизациско наследство кое прифаќа сѐ што му припаѓа на Истокот и Западот“, рече Ердоган.
Битката кај Манцикерт, односно кај денешниот град Малазгирт во источна Турција, се одигра во 1071 година кога турските Селџуци под водство на султанот Алп Арслан го победија византискиот цар Роман IV. Последица од поразот беше ослабената одбранбена моќ на Византијците, но и доселувањето на турското население во историската област Анадолија.
Битката кај Малазгирт во историјата се смета за пресуден настан кој непосредно е одговорен за подоцнежното распаѓање на Византија, а Селџуците носени со победата во таа битка ги продолжија своите победнички походи во Мала Азија.