АНКАРА (АА) - Антитерористичките операции на Турција во северна Сирија наскоро ќе се придвижат кон една поинаква фаза, истакна денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Anadoly Agency (AA).
„Наскоро ќе го придвижиме процесот што го започнавме со офанзивите „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“ [во северна Сирија] кон една поинаква фаза“, рече Ердоган во обраќањето на 11. Амбасадорска конференција во главниот град Анкара.
„Доколку е потребно, Турција апсолутно ќе ги заштити своите национални интереси [во Сирија] или преку дијалог, преку благи елементи на сила, инструменти на принудна дипломатија или со реална политика“, истакна тој.
Турција очекува создавање на 32-километарска безбедносна зона во северна Сирија и расчистување на терористичката организација ЈПГ/ПКК од тој регион.
ЈПГ/ПКК е сирискиот огранок на терористичката организација ПКК, која е одговорна за смртта на речиси 40.000 луѓе во Турција, меѓу кои голем број деца, жени и новороденчиња, во својата терористичка кампања против Турција, која трае веќе 30 години.
Анкара и Вашингтон допрва треба да постигнат договор во врска со безбедносната зона.
Министерството за надворешни работи на Турција во петокот соопшти дека Анкара има граници на својата трпеливост и ако не се успее да се изнајде заедничка основа со САД во врска со тоа прашање, тогаш Анкара ќе мора сама да ја формира безбедносната зона во Сирија.
Турскиот претседател истакна дека Турција е решена да ја исчисти терористичката ПКК од ирачка територија.
Ердоган изјави дека од Соединетите Американски Држави (САД) очекуваат конкретни чекори, било да станува збор за испорачувањето на челникот на терористичката организација ФЕТО на Турција, било за снабдувањето на терористите на ЈПГ/ПКК со оружје.
„Од Америка очекуваме конкретни чекори за испорачувањето на водачот на ФЕТО на нашата земја, или за ставањето крај на снабдувањето на терористичката организација ПКК/ПЈГ со оружје“, рече Ердоган.
- „Набавката на S-400 е комерцијална, а не стратешка“
Турскиот претседател рече дека набавката на рускиот систем за ракетна одбрана S-400 е комерцијален, а не стратешки потег, и ги критикуваше САД и ЕУ за нивните пристрасни реакции затоа што не излегоа со истите реакции за НАТО-членките кои претходно го имаат купено системот S-300.
„Ставот на сојузниците на Турција ја принудија турската администрација да го купи рускиот одбранбен систем“, додаде Ердоган.
Иако Турција сакаше претходно да го купи американскиот ракетен систем „Патриот“, Вашингтон не одговори позитивно кога системот на Турција ѝ беше најпотребен. Поради тоа Анкара започна разговори со Русија за набавка на рускиот одбранбен систем S-400.
Од 2017 година САД не се согласуваат со одлуката на Турција за купување на S-400.
САД тврдат дека S-400 ќе биде некомпатибилен со системите на НАТО, тврдење кое Турција го оспорува.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, истакна дека Турција има право да носи свои одлуки за тоа кои системи за вооружување ќе ги купува.