Çiğdem Münibe Alyanak
20 Февруари 2022•Ажурирај: 21 Февруари 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган соопшти дека на барање на граѓаните, одлучено е отворањето на мостот „Чанаккале 1915“ да биде на 18 март, на годишнината од победата во Чанаккале, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Одлучивме мостот Чанаккале 1915, што требаше да биде отворен на 26 февруари за што поскоро да го ставиме во служба на нашата нација, на барање на нашите граѓани да го отвориме на 18 март“, наведе Ердоган на својот твитер-профил.
Потсети дека мостот „Чанаккале 1915“ е изграден година и пол пред планираниот рок.
Мостот „Чанаккале 1915“ е уште еден во низата турски мегапроекти чија изградба започна со поставување на камен-темелникот на 18 март 2017 година.
Мостот поради својот импозантен изглед беше наречен и „Ѓердан на теснецот Чанаккале“, а на градилиштата на азиската и европската страна на теснецот, покрај генералната дирекција за автопати на Министерството за сообраќај и инфраструктура на Турција, работеа 559 инженери и 4.062 работници со 550 градежни машини.
За сообраќај ќе биде пуштен и автопатот Малкара - Чанаккале, кој е граден во рамките на проектот за автопатот Кинали - Текирдаг - Чанаккале - Саваштепе. Станува збор за изградена делница со вкупна должина од 101 километар, од кои 89 километри се автопати, а 12 километри пристапни патишта.
Со пуштање во употреба на автопатот, кој го вклучува и мостот „Чанаккале 1915“, ќе се реализира еден од најпрестижните турски проекти што ќе го поврзува Истанбул со Чанаккале, а потоа и со северниот дел на Егејскиот Регион.
Новоизградените автопат и мост „Чанаккале 1915“ ќе бидат интегрирани во постојната копнена, поморска и воздушна транспортна мрежа во Мраморниот и во Егејскиот Регион, кои се меѓу најразвиените турски региони каде што живее и работи значителен број од населението на Турција.
Во рамки на проектот „Чанаккале 1915“, изграден е висечки мост, два пристапни вијадукти, два армирано-бетонски вијадукти, шест подвозници, шест хидраулични мостови, 43 надвозници, 40 подвозници, 236 пропусти со различни димензии, 12 јазли, четири сервисни објекти, два оперативни центри и пет наплатни рампи.
За подобрување на тлото на морското дно во просторот каде што се наоѓаат темелите на кулите на мостот, потиснати се 368 челични шипки со пречник од 2,5 метри, од кои 165 во темелите на кулата на азискиот брег и 203 на европскиот брег.
Мостот „Чанаккале 1915“ се издвојува со својата импресивност и инженерски решенија и е познат како еден од најдолгите мостови со среден распон во светот, а поради бројните симболики што ги има го нарекуваат и „Мост на симболите“. Мостот е проектиран така што растојанието меѓу неговите два столба е 2.023 метри, што ја симболизира годината кога Турција ја одбележува јубилејната стогодишнина од основањето на Републиката.
Кулите и додатните елементи на мостот се направени во црвено-белите бои на турското знаме. Должината на првиот висечки мост на теснецот Чанаккале достигнува 4.608 метри. Сообраќајот ќе се одвива по три сообраќајни ленти во двата правци, а во двата правци има и ленти за застанување и шеталишта.