Kaan Bozdoğan
20 Февруари 2022•Ажурирај: 21 Февруари 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, замина во посета на Демократска Република Конго, во рамки на африканската турнеја што ќе трае од 20 до 23 февруари, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во делегацијата се и министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу, министерот за одбрана Хулуси Акар, министерот за трговија Мехмет Муш, министерот за транспорт и инфраструктура Адил Караисмаиоглу, министерот за млади и спорт Мехмет Мухарем Касапоглу, шефот на Канцеларијата за комуникации при Претседателството, Фахретин Алтун, портпаролот на Кабинетот на претседателот на Турција, Ибрахим Калин, и шефот на Канцеларијата за одбранбена индустрија при Кабинетот на претседателот, Исмаил Демир.
Ердоган по средбите во Демократска Република Конго ќе ги посети Сенегал и Гвинеја Бисао.
На планираните состаноци за време на посетата ќе се разговара за билатералните односи во сите области, а ќе се истакнат и можностите за унапредување на соработката меѓу Турција и овие африкански држави.
Ердоган, за време на посетата на Дакар, главниот град на Сенегал, ќе присуствува на свеченото отворање на Олимпискиот стадион со капацитет од 50.000 места, изграден од турска компанија. Во текот на посетата, Ердоган свечено ќе ја отвори и новата зграда на Амбасадата на Турција во Дакар.
Посетата на Ердоган на Гвинеја Бисао ќе биде прва официјална посета на Турција на претседателско ниво на оваа африканска држава.