Zeynep Çetinkaya
19 Февруари 2022•Ажурирај: 20 Февруари 2022
АНКАРА (АА) – Посетите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган следната недела на три африкански земји се очекува да создадат нови можности за зајакнување на билатералната трговија и простор за турските бизнисмени да ги прошират своите инвестиции во регионот, јавува Агенција Анадолија (АА).
На својата четиридневна мини турнеја низ Централна и Западна Африка, што започнува утре, Ердоган треба да ги посети Демократска Република Конго, Сенегал и Гвинеја-Бисао.
Како што односите меѓу Турција и Африка добија нов импулс благодарение на политиката на земјата за „Стратешка Африка“, од минатата година турските компании презедоа над 1.150 проекти низ континентот со вкупна вредност од над 70 милијарди долари.
Вредноста на турските инвестиции во Африка надмина 6 милијарди долари, според податоците собрани од Агенција Анадолија.
Посетата на Ердоган ќе се фокусира на сите аспекти на билатералните односи и можностите за подобрување на соработката меѓу Турција и земјите во сите области.
Во 2021 година обемот на трговска размена на Турција со Супсахарска Африка порасна за 24,8 % во однос на претходната година и достигна рекордно високо ниво од 10,7 милијарди долари.
Турскиот извоз во земјите во регионот се зголеми за 31 %, односно 7,9 милијарди долари во истиот период, додека увозот е зголемен за 10 %, односно 2,8 милијарди долари.
- Неискористени пазари -
За АА, Јусуф Џенк Дагсују, шеф на Советот за надворешно-економски односи (ДЕИК), Турција - Демократска Република Конго, рече: „Пазарите во земјата се неискористени, обемот на трговска размена ќе достигне значителни нивоа.“
Дагсују истакна дека турскиот извоз во ДР Конго речиси се удвоил во последните пет години благодарение на порастот на продажбата на брашно и производи од брашно, месо и месни производи и машини.
„Особено новиот развој во рударскиот и енергетскиот сектор се многу важни за иднината“, додаде тој. „Наша цел е да го зголемиме обемот на извозот над 100 милиони долари во 2022 година.“
Фуат Тосјали, шеф на Деловниот совет Турција - Сенегал, рече: „Се надеваме дека ќе се постигнат конкретни резултати со посетата на претседателот Ердоган. (Таквите посети) секогаш создаваат позитивна клима за бизнис-круговите.“
„Економијата на Сенегал зависи од земјоделството“, нагласи Тосјали, објаснувајќи дека секторот моментално вработува 70 отсто од вкупната работна сила.
„Има големи морски ресурси на нафта и гас за да се наметне како глобален актер во полето на јаглеводородите. Во овој контекст, односите меѓу двете земји се во процес на развој во секоја смисла“, додаде тој.