Berin Alpaslan Gökçe
16 Октомври 2021•Ажурирај: 17 Октомври 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Турција сака да постигне обем на трговска размена со Германија од 50 милијарди долари, јавува Агенција Анадолија (AA).
„Се надевам дека успешната работа што ја имавме со г-ѓа Меркел ќе продолжи на ист начин и за време на мандатот на новата влада на Германија“, рече Ердоган на прес-конференцијата по состанокот со германската канцеларка Ангела Меркел во вилата „Хубер“ во Истанбул.
Истакна дека за време на денешните средби детално разговарале за актуелните прашања од дневниот ред, особено за билатералните односи меѓу Турција и Германија.
„Турската заедница во Германија претставува најважен општествен аспект на нашите односи, тие го претставуваат нашето заедничко богатство“, рече турскиот претседател.
Тој додаде дека верува дека Меркел и во наредниот период ќе продолжи да дава придонес со цел зајакнување на односите меѓу двете земји.
„Уверен сум дека канцеларката Меркел и во иднина ќе продолжи да дава значаен придонес за турско-германското пријателство“, рече Ердоган.
Тој се осврна и на клучните проблеми и предизвици со кои се соочуваат припадниците на турската заедница во Европа.
„Расизмот, исламофобијата, ксенофобијата и дискриминацијата, за жал, и понатаму остануваат главните проблеми на турската заедница во Европа“, рече турскиот претседател.
Како што истакна, за време на состанокот со германската канцеларка станало збор и за прашањето за бегалците и миграцијата.
„Кога станува збор за бегалците, Турција стана речиси како куќа за гости“, рече Ердоган во своето обраќање.
Германската канцеларка Ангела Меркел денеска пристигна во посета на Република Турција.