Ali Murat Alhas
01 Април 2020•Ажурирај: 01 Април 2020
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека најголемата предност на Турција во борбата против Ковид-19 е силната здравствена инфраструктура и раните преземени мерки против вирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган ја повика јавноста да остане во своите домови до понатамошно известување, со цел да се спречи ширењето на вирусот.
Зборувајќи преку видео конференција со регионалните претставници на Партијата за правда и развој (АК Партија), тој изјави дека целта е да се обезбеди Турција да излезе од овој кризен период со минимални загуби, додавајќи дека државните институции работат напорно.
Во врска со финансиските последици од епидемијата, Ердоган рече: „Посветени сме да обезбедиме континуирано производство и извоз.“
„Со Божја волја ќе ја надминеме оваа криза, со тоа што ќе обрнеме внимание на хигиената, на празнењето на улиците и нема да ги напуштаме своите домови доколку не е потребно“, изјави тој.
„Ќе го надминеме овој период“, рече Ердоган.
Досега во Турција од Ковид-19 се починати 214 лица, а бројот на потврдени случаи на зараза се искачи на повеќе од 13.000.
По епидемијата со новиот тип коронавирус што се појави во кинескиот град Вухан во декември минатата година, вирусот неодамна се прошири во уште најмалку 180 земји и региони низ светот, а Европа стана епицентар на пандемијата, додека Кина излегува од кризата.
Според податоците на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, во светот од коронавирусот се заразени повеќе од 859.796 луѓе. Од последиците предизвикани од заразеност со новиот тип коронавирус починаа повеќе од 42.341 лице, а излекувани се 178.301 лице.