Çiğdem Münibe Alyanak,Kaan Bozdoğan
15 Април 2022•Ажурирај: 16 Април 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, рече дека менталитетот што ја одвоил Аја Софија од нејзиниот вистински идентитет и ја претворил во музеј, за жал не можел да ја толерира ниту медресата „Фатих“ во Аја Софија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган присуствуваше на отворањето на медресата Фатих во Аја Софија, која повторно ја изгради Управата за вакафи при турското Министерство за култура и туризам.
Турскиот претседател упати честитки по повод Рамазан, месецот на постот, посакувајќи благословените денови да донесат мир, прошка и спас од вечните маки.
Тој упати и молитва сите рамазанскиот Бајрам да го дочекаат во здравје, заедно со своите најмили, семејството и пријателите.
Ердоган потсети дека изминатата недела во комплексот на џамијата „Чамлиџа“ е отворен Музејот на исламски цивилизации.

„Направивме значаен чекор за да го пренесеме нашето славно минато во сегашноста и иднината и го споивме со нашиот народ. Со медресата „Фатих“, што ја отвораме денеска, нашиот град го правиме побогат за уште едно дело, чии траги се имаше намера да се избришат“, рече Ердоган.
Тој се осврна и на историјатот на медресата, истакнувајќи дека таа неколкупати е обновувана, а наставата се одвивала до 1924 година.
„Некое време потоа служеше за сместување на сирачиња, а подоцна под изговор дека е нарушен нејзиниот изглед е срушена. Менталитетот кој ја одвои Аја Софија од нашиот вистински идентитет и ја претвори во музеј, за жал, не можеше да ја толерира ниту оваа медреса. Оваа историска медреса, вакафот на Фатих, која со векови служеше како лулка на науката и мудроста, тивко е отстранета. А, секој вакаф, е нешто што ни е оставено во аманет“, рече Ердоган.
Истакна дека и покрај тоа, Турција едно време не го поминала добро испитот за заштита и зачувување на културата и цивилизацијата, ниту делата кои останаа во наследство од предците.
Како што истакна, тоа е особено видливо во времето на еднопартискиот менталитет, кога постапките со цел вестернизација нанесоа големи рани во сеќавањето на нашиот народ.
Ердоган рече дека менталитетот кој настојуваше да биде поголем западњак од западњаците, не ја знае вредноста на културното наследство старо неколку илјади години.