Filiz Kınık Öz,Çiğdem Münibe Alyanak
29 Мај 2022•Ажурирај: 30 Мај 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција долж нејзината јужна граница чекор по чекор гради безбеден коридор од 30 километри и изрази надеж дека коридорот наскоро ќе биде завршен за целосно да се оневозможат терористите преку врбување да ги носат децата во камповите на планините, јавува Агенција Анадолија (АА).
Продолжуваат мирните протести пред седиштето на Народната демократска партија (ХДП) во турскиот град Дијарбакир, на кои мајките веќе илјадити ден бараат да им се вратат нивните деца одведени во терористичките кампови на ПКК.
По повод 1.000 дена протест беше одржана посебна програма, а на присутните телефонски им се обрати и турскиот претседател Ердоган, кој упати пораки со благодарност и поддршка до мајките во Дијарбакир.
„Им честитам на мајките кои ги спасија своите деца или роднини од терористичката организација. Сакам нашите мајки, кои сè уште ја водат оваа борба, што е можно поскоро да се обединат со своите деца и роднини“, порача Ердоган.
- Јасна порака од храбрите мајки -
Турскиот претседател, исто така, рече дека храбрите мајки на Дијарбакир испратиле јасна порака дека нема да потклекнат пред терористичката организација ПКК и пред партијата која е под директива на терористите.
„Од самиот почеток, ја следиме вашата единствена борба за повторна средба со вашите деца или роднини. Бевме со вас во секоја фаза од вашата борба, заедно со нашиот министер за внатрешни работи и другите пријатели“, рече Ердоган и најави продолжување на поддршката.
Тој истакна дека Турција им должи голема благодарност на мајките од Дијарбакир од кои треба да се научат многу лекции.
„Оваа нација има многу лекции да научи од вашата борба, мајки на Дијарбакир. Се надеваме дека оваа слика ќе се пренесува од уво на уво со генерации и ќе се претвори во светлина што ја осветлува нашата иднина“, рече Ердоган.
На мајките во Дијарбакир им се обрати и турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу, кој исто така им даде целосна поддршка во нивната борба.
- Илјада дена протест -
Мајките од Дијарбакир протестираат од 3 септември 2019 година пред седиштето на Народната демократска партија (ХДП), која ја обвинуваат за врбување и носење малолетници и младинци во терористичките кампови на ПКК во југоисточна Турција.
Февзије Четинкај на 3 септември започна мирен протест пред зградата на ХДП, придружувана од нејзиниот сопруг Сахап и нивните четири деца. На протестите на 8 октомври се приклучи и Хатиџе Џејлан, мајката на Џафер. Таа истакна дека нејзиниот син бил киднапиран пред четири години, кога имал 15 години. Кога слушнал дека и неговата мајка пристапила кон протестите, Џафер решил да побегне од редовите на терористичката ПКК за да стигне до своето семејство.
На оние што се предаваат, државата им пружа бројни можности, како што се правото на образование и слобода без страв и опресија. Тие не се малтретирани, слободно можат да контактираат со нивните семејства и пружена им е правна помош.
ПКК е сепаратистичка организација која се наоѓа на листата на терористички организации во Турција, Европската Унија и САД. За време на тридецениската терористичка кампања против Турција, терористите на ПКК убија најмалку 40.000 луѓе.
Партијата ХДП се товари за поврзаност со терористите на ПКК, а повеќе челници на партијата се обвинети за ширење терористичка пропаганда и помагање на терористите.