Meryem Göktaş
15 Март 2018•Ажурирај: 15 Март 2018
АНКАРА (АА) - „Турција нема да ја запре својата тековна операција во северозападниот дел на сирискиот регион Африн се додека таа не биде завршена", изјави денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган во своето обраќање во главниот град Анкара, изјави дека се очекува Европскиот парламент да упати барање до Турција да ја запре операцијата во Африн.
Но, турскиот претседател рече дека сите такви напори ќе бидат залудни.
„Не посакувајте залудно, ние нема да излеземе од Африн се додека нашата работа таму не биде завршена“, рече Ердоган.
Европскиот парламент издаде заедничко барање повикувајќи ја Турција да ги повлече своите трупи од сирискиот регион Африн. Овој предлог треба да се изласа подоцна во текот на денот.
„Европскиот парламент не може да каже збор до Турција (во врска со тековната операција Маслинова гранка)“, додаде тој.
Од почетокот на операцијата „Маслинова гранка“ во Африн до сега неутрализирани се вкупно 3,525 терористи, информираше претседателот Ердоган.
Операцијата во Африн започна на 20 јануари во согласност со турското право, засновано на меѓународното право и на резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено на оние што се однесуваат на борбата против тероризмот: 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014).
Турција се повикува и на членот 51 од Договорот на ОН односно на правото на самоодбрана. Операцијата се спроведува со целосно почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, во јули 2012 година, без борба, на терористите од ПЈД/ПКК им ја препуштија контролата врз Африн, по што овој град стана еден од главните центри на терористичката организација.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, САД и во Европската Унија (ЕУ). ПКК, уште од средината на 1980-тите години, води терористичка кампања против Турција.