Nazlı Yüzbaşıoğlu
04 Септември 2019•Ажурирај: 04 Септември 2019
АНКАРА (AA) - Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган предупреди дека сирискиот град Идлиб полека исчезнува, јавува Anadolu Agency (AA).
„Идлиб полека исчезнува. Како што исчезна Алепо, кој е срамнет со земја, на ист начин и во иста ситуација се наоѓа и Идлиб", рече Ердоган на конференцијата за медиуми по состанокот со премиерот на Чешка, Андреј Бабиш во Анкара.
Истакна дека неговата земја не ги затвора вратите на бегалците но дека сака да помогне во воспоставување на безбедна зона во Сирија.
„Ако би можеле да помогнеме да обезбедиме воспоставување на безбедна зона би биле навистина многу среќни", рече турскиот претседател.
Изјави исто така дека Турција е спремна дополнително да ги продлабочи билатералните односи со Чешка.
„Турција е потполно спремна и има желба со пријателската земја Чешка, нашиот сојузник, дополнително да ги развие односите на сите полиња", рече Ердоган и додаде дека неговата земја сака да ја зголеми трговската размена со Чешка на пет милијарди долари.
„Освен тоа, нашите две земји соработуваати во рамките на мултилатералните платформи, посебно во НАТО", рече Ердоган, изразувајќи благодарност на таа земја поради поддршката на Турција на патот кон членството во Европската унија.
Потсети дека ЕУ на Турција ѝ даде бројни ветувања во врска со поддршката на бегалците, но дека до сега не испратила ниту 3 милијарди евра, додека како што рече, Турција до сега потрошила речиси 40 милијарди долари за бегалците.
Премиерот Бабиш по пофали предлогот на Ердоган за формирање на слободна зона на северот на Сирија.
„Тука Турција не говори да ѝ се испратат пари туку да се формира слободна зона, изградба на училишта, куќи, инвестиции", рече Бабиш.
„Многу сум импресиониран со ставовите на претседателот Ердоган во врска со Сирија. Во вашата земја имате 4 милиони мигранти. Европа има многу проблеми за тоа прашање. Навистина ги ценам таквите ставови на вашиот претседател. Верувам дека тие луѓе ќе се вратат во својата татковина", додаде Бабиш напоменувајќи дека Чешка и Турција имаат многу добри односи.
„Турција е за Чешка важен партнер и сојузник во рамките на НАТО", истакна чешкиот премиер, напоменувајќи дека сака дополнително да се зголеми трговската размена помеѓу двете земји.
Нагласи дека во Турција постои огромен потенцијал во бројни области, посебно во областите на енергетиката и одбранбената индустрија.