Ahmet Kaplan
03 Септември 2019•Ажурирај: 04 Септември 2019
ДИЈАРБАКИР (АА) - Родители ја обвинуваат опозициската Народна демократска партија (ХДП) за врбување и носење на малолетниците во терористичките кампови на ПКК во југоисточна Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Февзије Четинкаја протестира пред седиштето на ХДП во Дијарбакир и бара да ѝ се врати 17-годишниот син.
Четинкаја има 11 деца, а на 30 август на полицијата пријави дека активистите на ХДП го киднапирале и во терористички камп го однеле нејзиниот син С. Четинкаја.
Мајката Четинкаја утринава започна мирен протест пред зградата на ХДП, а со неа се и нејзиниот сопруг Сахап и нивните четири деца.
Првиот таков протест пред седиштето на ХДП во Дијарбакир на 22 август го одржа Хаџире Акар, чиј син, Мехмед Акар, исчезнал.
Тридневниот протест вроди со плод и Мехмед е вратен дома, а примерот на мајката Хаџире го следат и другите мајки кои не сакаат децата да им бидат жртви на тероризмот.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), е одговорна за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и жени и деца.
ХДП се товари за поврзаност со терористите на ПКК, а повеќе челници на партијата се обвинети за ширење на терористичка пропаганда и помагање на терористите.