Ahmet Esad Şani
01 Ноември 2018•Ажурирај: 04 Ноември 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Започна пријавувањето за меѓународниот натпревар во фотографија „Istanbul Photo Awards 2019“, организиран од страна на Anadolu Agency, кој оваа година се фокусира на „вести“ и „спортски“ фотографии, јавува Anadolu Agency (AA).
Овој натпревар во фотографија, организиран со цел избор на најзначајните фотографии од светските настани (категорија „Вести“) и од спортот, во исто време има за цел да им даде поддршка на фоторепортерите во нивната професија. Се очекува професионалните фотографи да ги испратат своите фотографии со теми од светските настани кои ја одбележаа 2018 година.
Оваа година се планира натпреварувањето да биде фокусирано на „вести“ и „спорт“, при што учесниците ќе можат да аплицираат со своите дела во четири категории, и тоа „Фотографија на единечна вест“, „Серија фотографии за вест“, „Единечна фотографија од спортот“, „Серија фотографии од спортот“.
Пријавувањето ќе трае до 31 јануари 2019 година, а може да се аплицира на адресата „http://istanbulphotoawards.com“.
Меѓународното жири кое ќе ги оценува пристигнатите фотографии, во април ќе се состане во Турција, а наградените фотографии ќе бидат објавени во мај.
Фотографијата што ќе биде победник во категоријата „Фотографија на единечна вест“, во исто време ќе биде и прогласена за „Фотографија на годината“, а на наградениот фотограф ќе му биде доделена награда од 8.000 долари.
Во секоја категорија, првонаградените ќе добијат парична награда од 5.000 долари, второпласираните по 3.000 долари, додека третопласираните, награда од 500 долари.
Фотографите кои ќе бидат наградени, покрај тоа што ќе можат да ги изложуваат фотографиите на изложби во Турција и во странство, ќе можат да ги објават и во фото-албумите кои ќе им бидат испратени на медиумите низ светот, на институции за фотографија и култура, агенции за фотографија и на фоторепортери.
„Istanbul Photo Awards 2019“ е отворен за сите професионални медиумски фоторепортери кои имаат изработено фотографии од некоја вест или спортски настан кој бил на дневен ред во светот. И оваа година, како и претходните, наградените фотографии од полето на вестите и спортот, ќе бидат одредени од жири-комисија составена од најпрестижни имиња во светот на полето на фотографијата.