Meryem Göktaş
01 Ноември 2018•Ажурирај: 02 Ноември 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за правда, Абдулхамит Ѓул, денес ги повика саудиските власти да ја поддржат истрагата за убиениот новинар Џамал Кашоги, јавува Anadolu Agency (AA).
Кашоги исчезна по влегувањето во саудискиот Конзулат во Истанбул на 2 октомври.
Откако првично кажа дека Кашоги го напуштил Конзулатот жив, саудиската администрација неколку недели подоцна призна дека тој починал внатре.
„Ние очекуваме од саудиските власти да имаат поблиска соработка по ова прашање. Тие треба да пружат поддршка преку соработка, со цел да се расветли целиот инцидент“, изјави Абдулхамит Ѓул за новинарите за време на заедничката прес-конференција со неговиот унгарски колега Ласло Тросани во Анкара.
Ѓул изјави дека и покрај пишаните прашања од страна на Канцеларијата на јавниот обвинител на Турција, сѐ уште не се добиени одговори од страна на саудиските официјални претставници.
„Очекуваме да се одговорат овие прашања што е можно поскоро. Турското судство, исто така ќе ја продлабочи истрагата со цел да го најде одговорот на овие прашања“, додаде тој.
Нагласувајќи дека вакво меѓународно прашање не може да биде прикриено, министерот за правда изјави дека одговорноста за убиството на Кашоги не може да се избегне.
На прашањата дали главниот јавен обвинител на Истанбул ќе ја посети Саудиска Арабија во врска со случајот со Кашоги, Ѓул изјави дека тоа веројатно нема да се случи затоа што инцидентот се случил во Турција.
„Без да се одговорат прашањата поставени од Турција, мислам дека не е правилно да се влезе во нова фаза“, додаде тој.
Истрагата за инцидентот сугерира на тоа дека специјален тим пристигнал во Конзулатот да го убие Кашоги и да го прикрие убиството.
Меѓународната заедница одбива да го прифати тврдењето на Саудиска Арабија дека инцидентот не бил однапред планирано убиство.
Во меѓувреме, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган нагласи дека сите детали за случајот треба да бидат откриени, вклучувајќи го и тоа кој дал инструкција за однапред планираното убиство.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека би наметнал санкции на Саудиска Арабија, но исто така нагласи дека не сака да им наштети на билатералните односи.
Во телефонскиот разговор со турскиот претседател Ердоган, саудискиот крал Селман бин Абдулазиз и саудискиот принц Мухамед бин Селман ветија соработка.
Од Канцеларијата на главниот јавен обвинител во Ријад, исто така е објавено дека убиството било планирано.