ИСТАНБУЛ (AA) – Гуч Сонел Сагироглу -
Вилите на морето, украси на бреговите на Босфор во Истанбул, и покрај несреќите, природните катастрофи и лошото одржување, му пркосат на забот на времето, пишува Anadolu Agency (AA).
Во времето додека немало модерни патишта на бреговите на Босфорот, туку можело да се дојде само со чамци или тесни стази, владејачките семејства, научниците, аристократите и другите истакнати членови на општеството почнале да подигнуваат дрвени или камени вили. Вилите биле не само симбол на општествениот статус туку и украси на бреговите.
Во нив своевремено живееле и принцези, но и лекари што ги лекувале луѓето од болестите за кои се сметало дека нема лек.
Некогаш потсетувале на роденденски торти, за некои се верувало дека се проколнати, а тогаш тие најгламурозните, најголемите вили станувале складишта, работилници... Некои биле и на чекор да станат пепел и тоа неколкупати...
Сопствениците на некои од нив ја занемарувале стогодишната историја и ги уредувале на начини кои не биле соодветни за нив, а сè со цел да бидат во чекор со модерното време.
Од друга страна, имало и такви во кои удирале товарни бродови...
- Околу 150 вили со долгогодишна историја го чуваат изворниот изглед -
Сулејман Фарук Гонџуоглу, историчар на уметноста, рече дека објектите би можеле да бидат наречени „Вили на море“, зашто би требало да биде можно од нивните прозорци, со врвовите на прстите да се допре водата.
„Првите вили на море за време на Османлиското царство направени се на бреговите Бахарије, на Ејуп“, потсети Гонџуоглу, кој додаде дека овој тренд започнал да се шири долж бреговите на Босфорот.
Рече дека до времето на султан Сулејман, на Босфор немало вили на море. Многу од вилите од тоа време не опстанале до денеска. Така, од 600 вили кои некогаш го украсувале Босфорот, само околу 150 успеале да го сочуваат својот изглед.
Гончуоглу рече дека овие објекти се направени од дрво.
„Вилите на море се најмногу на три ката. Покрај нив, или под нив, задолжително се наоѓале простори за чамци, а транспортот на Босфорот почнува од 1926/1927 година. Овие патишта се проширени во 1935 година. Претходно по копно се доаѓало преку стази, а транспортот се одвивал претежно преку море“, рече Гонџуоглу.
Потсети дека на првиот етаж се наоѓал простор за чамци, над него биле подрумите, а потоа истурениот дел од зградата.
Зад вилите се наоѓале и куќите во кои жителите се повлекувале за време на ветровитиот период во Истанбул, односно од 15 август. Веќе од ноември, поради пониските температури, населението се повлекувало во внатрешноста на градот.
Потсети дека во овие бисери на Босфорот, живееле членови на владејачките семејства, аристократи, високи државни функционери...
„Дури и денеска кога ќе ги погледнете, не се тоа места во кои секој би можел да живее“, појасни Гонџуоглу, кој укажа и на обврските кога станува збор за одржување на тие вили.
Напролет, потсетува, гнездата и јајцата од птиците ги затнуваат олуците, а има и голема влага.
„И денеска на камените вили на море можно е да се види значителна штета која ја предизвикува солената вода. Тоа сериозно ги оштетува објектите. Една од најголемите ноќни маки во тоа време биле и лодосите (југозападните ветришта) на Истанбул“, рече Гонџуоглу.
На пониските нивоа, вилите на морињата се соочуваат и со поплави, а самото одржување на објектите бара големи финансиски средства поради што секој не може да има вила.
- Османлиската архитектура има карактер -
Гонџуоглу потсети дека секоја вила на Босфорот има свои карактеристики, а секој архитект мора да ја земе предвид количината на светлоста, но и отпорноста на ветровите.
„Објектите во низа во Лондон или во Кембриџ, ви здосадуваат со текот на времето. Бидејќи сите се исти. Но во објектите направени со техниките на османлиската архитектура, го имаат тој, карактеристичен дух“, рече Гонџуоглу.
Потсети дека за реставрација или одржување на овие вили на море на Босфорот е задолжена Регионалната дирекција за заштита на културното наследство при турското Министерство за култура и туризам. Сепак, значителни средства за реставрација и поправки издвојуваат и стопанствениците.
- Вили на море на Босфор -
Приказните за вилите собрани се во книгата „100 истанбулски вили“ од авторот Махмут Сами Шимшек. Во продолжение се наоѓаат само некои од нив:
Една од популарните вили е и вилата на султанијата Есма. Надалеку се раскажуваше за убавината на оваа вила, од која денеска на Ортакој не останало многу. Изградена е 1788 година и подарена ѝ е на султанијата Есма, ќерката на султанот Абдулхамид I. Денеска таа служи за туристички цели, а повремено се организираат свадби и други видови прослави.
Една од најголемите вили на бреговите на Босфорот ја изградил и пашата Мухсинзаде Мехмед, големиот везир за време на султанот Мустафа III и Абдулхамид I, а наречена е по него. Извесен период е користена како складиште, а денеска се користи во туристички цели.
Вилата во 2006 година е претворена во хотел со 12 апартмани, од кои најмалата е од 80 квадратни метри, а хотелот поседува и базени на отворен и затвоен тип.
Вилата „Емине Валиде“ е една од најголемите на Босфорот. Раскошноста на османлискиот период ја сочувала до денеска и важи за величенствена палата на брегот. Вилата е изградена 1781 година, а подоцна Султан Абдулхамид II ѝ ја подарил на мајката на валијата на Египет Абас Хилмија, Емине Валиде.
Таа беше единствената жена со статус на Валиде-пашиница, а титулата ѝ ја доделил султанот Абдулхамид II.
„Змиската вила“ е направена во времето на султанот Селим III и нејзиниот прв сопственик бил Мустафа Ефенди. Во текот на својот излет, султанот Махмуд II ја видел вилата и посакал да ја купи. Го прашал својот пријател Саид Ефендија чија е. Султанот не знаел дека вилата му се допаѓа и на Саид Ефенди кој поради тоа му рекол дека е направена на змиско гнездо и дека од неа секогаш излегуваат змии. Султанот потоа се откажал од продажбата, а по таа лага не можел да ја купи ниту Саид Ефенди. Сепак името ѝ останало „Змиска вила“.
Вилата во голем дел изгорела во пожар во 1964 година, а во 2001 година ја купил холдинг.
Истанбул: Вилите на Босфорот му одолеваат на забот на времето
ИСТАНБУЛ (AA) – Вилите на морето, украси на бреговите на Босфор во Истанбул, и покрај несреќите, природните катастрофи и лошото одржување, му пркосат на забот на времето. ( Arif Hüdaverdi Yaman - Агенција Анадолија )
08.06.2018 Arif Hüdaverdi Yaman
1 / 21