Tezcan Ekizler
07 Јуни 2018•Ажурирај: 09 Јуни 2018
ИЗМИР (АА) - На британскиот државјанин Лесли Џозеф Хауард, кој не можел да се оперира во матичната земја поради возраста и можниот ризик, докторите од Медицинскиот факултет при Универзитетот „Еге“, му извршија трансплантација на црн дроб од ткиво земено од негов роднина, јавува Anadolu Agency (AA).
На британскиот државјанин Хауард (76), татко на две деца, кој живее во Австралија, пред три години му е дијагностицирано оштетување на црниот дроб.
Докторите во Австралија, и покрај пронаоѓањето на донор, поради неговата возраст, не сакале да го оперираат пациентот, кому секојдневно му се зголемувале болките.
Хауард, за да изврши трансплантација, прво тргнал во Индија, но се откажал поради хигиенските услови. По истражувањата што ги направил, одлучил трансплантацијата на црниот дроб да ја изврши на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Еге“ во Турција.
По спроведената анализа, докторите од Медицинскиот факултет му соопштиле дека е можна трансплантација и по 8 часа операција, на Хауард му е трансплантирано ткиво од црниот дроб на негов роднина.
„Бргу заздравувам во Турција“
Хауард, за дописникот на АА изјави дека е многу среќен бидејќи повторно му се враќа здравјето.
Зборувајќи дека во неговите најочајнички денови, во пресрет му излегле турските доктори, Хауард изјави: „Многу ја засакав Турција, зашто ми овозможи втора шанса. Од пристигнувањето тука, ја пишувам сопствената приказна. Тукашниот народ се смести во моето срце. Ја одбрав Турција бидејќи здравствените установи во оваа земја се многу подобри од голем број земји во светот, и благодарение на тоа, јас бргу заздравувам.“
„Пациентот стекна доверба во нас“
Доц. д-р Мурат Зејтунлу, одговорен за трансплантација на црн дроб од Одделението за трансплантација на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Еге“, кој ја спроведе трансплантацијата, изјави дека за првпат имаат пациент Британец. „Стекна доверба во нас, во Универзитетот „Еге“ и во Турција. Операцијата ја поднесе сосема добро. Пациентот се чувствува добро. Се надевам на брзо заздравување“, изјави доц. д-р Зејтунлу.

Од друга страна, по посетата на британскиот пациент, за АА зборуваше и ректорот на Универзитетот „Еге“, д-р Неџдет Будак, изјавувајќи дека на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Еге“, покрај пациентите од Турција, Балканот и Блискиот Исток, излекувани се и пациенти од голем број европски земји.