Adem Demir
31 Декември 2017•Ажурирај: 01 Јануари 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Во Истанбул беше организирана комеморација за жртвите од терористичкиот напад во клубот Реина, изведен за време на новогодишната ноќ, на дочекот на 2017 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Во таа пригода, пред клубот беше одржано едноминутно молчење и беше интонирана химната на Турција.
Челникот на општината Бешикташ, Мурат Хазинедар, заедно со претставниците од конзулатите на Канада, Австрија, Египет и на Палестина во Истанбул, положи цвеќе за настраданите и уште еднаш го осуди секој вид на тероризам.
Цвеќе за настраданите положи и еден од сопствениците на клубот Али Унал.
Потоа, претставниците на трите монотеистички религии, заедно со насобраните се помолија за душите на загинатите.
Тарик Арик, во терористичкиот напад го изгуби својот брат Ајхан. Арик истакна дека терористичката организација ДЕАШ, која стои зад нападот, нема никаква врска со религијата, ниту со муслиманите.
„Муслиман не може да убие друг муслиман. Сакам да викам, но не можам ништо друго освен да зборувам. Многу ни е тешко. Погрешно е човек на човека да му направи такво нешто“, рече Арик.
Во терористичкиот напад извршен во новогодишната ноќ 2017 година, загинаа 39 лица, а неколку десетици беа повредени.