Behçet Alkan
27 Септември 2023•Ажурирај: 28 Септември 2023
НЕВШЕХИР (AA)
- Беџчет АЛКАН
Кападокија, една од најомилените туристички дестинации во Туркије, се очекува да го собори рекордот на посетители на крајот на годинава со туристи од Кина, која дозволи продажба на пакет аранжмани во земјата, пишува Анадолу.
Овој туристички центар, кој се наоѓа на листата на светско културно наследство на УНЕСКО, со своите природни, историски и културни вредности продолжува да го привлекува вниманието на туристите од целиот свет.

Уште од првите месеци од годината Кападокија продолжува да го привлекува внимание на туристите со својот пејзаж што го красат исклучителните оџаци, подземните градови, врежаните историски градби и богатата разновидност на активности, особено летањето со балон на топол воздух, посетата на музеите и историските локалитети.
Според податоците на Министерството за култура и туризам на Туркије, музеите и историските локалитети што во периодот јануари-септември минатата година биле домаќини на 2.544.909 посетители, во истиот период оваа годинава своите врати ги отвориле за 3.053.827 гости.

Претставниците на туристичкиот сектор предвидуваат дека на крајот на оваа година ќе биде надминат рекордот од 2022 година со 4.192.070 посетители.
Јакуп Динлер, генерален секретар на Турската федерација на хотелиери (ТУРОФЕД), за АА изјави дека секоја година се зголемува интересот на домашните и странските туристи за Кападокија.
- „Наша цел е да имаме 350.000 кинески туристи во 2024“
Изјавувајќи дека во Кападокија постојат можности за одмор соодветен за секој буџет, Динлер го рече следново:
„Туризмот во Кападокија добива сè поголем замав по пандемијата. Оваа година е многу добра, домаќини сме на туристи од целиот свет, особено посетителите од земјите од Латинска Америка нѐ изненадија со својата бројност. Верувам дека повеќето бизниси што дејствуваат тука ќе ги постигнат своите цели до крајот на годината. Кападокија е домаќин на туристи од сите земји. Иако на некои пазари има намалување, на некои полиња има пораст на бизнисот. Имаме нови инвестиции во регионот. Националните и локалните брендови се обновуваат и се развиваат според потребите на туристите. Очекуваме раздвижување во последните три месеци од годината бидејќи Кина дозволи продажба на пакет аранжмани во земјата. Ако ја достигнеме бројката од приближно 50.000 кинески гости, ќе може да ги ревидираме бројките на крајот на годината и подобро да ја затвориме сезоната. Имаме многу поголеми цели за 2024 година. Посакуваме да ја достигнеме бројката од 350.000 кинески туристи што беа наши гости во 2019 година. Со цело срце веруваме дека заедно со другите туристи од Далечниот Исток ќе дадеме придонес во регионалниот туризам.“

- „Наскоро ги отвораме хотелите со големи капацитети“
Претседателот на Комората на туристички водичи во Невшехир, Озај Онур, истакна дека Кападокија е туристичка дестинација за која нема алтернатива во светот и дека е многу посакувана од туристите.
Онур рече дека верува оти кинеските туристи, чии заминувања во странство беа прекинати за време на епидемијата на КОВИД-19, дополнително ќе ја зголемат мобилноста на регионот во наредните месеци и додаде:
„Хотелите со големи капацитети во Кападокија ги одбројуваат деновите за отворање. Оваа зима очекуваме кинески туристи, а сметаме дека нивниот број ќе се зголеми во наредните години. Ова место е важно од аспект на историјата на христијанството. Кога ќе погледнеме на него и од просторен аспект, подрачјето на Кападокија има уникатни убавини. Во исто време Кападокија се наоѓа и на историскиот пат на свилата што, исто така, привлекува туристи. Предвидуваме дека следната година нашите капацитети ќе бидат двојно зголемени.“
Мустафа Дурмаз, претседател на Кооперацијата за развој на туризмот во Ѓореме, рече дека речиси сите туристи што доаѓаат во регионот го посетуваат градот Ѓореме и дека секторот секоја година се стреми да одговори на зголемената посетеност.